Одложено рочиштето за „Тврдина 2“

Одложено е рочиштето за предметот „Тврдина 2″ во кој СЈО тврди дека во 2015, непосредно по објавување на опозициските бомби, биле уништени системи за следење на комуникации. Следното рочиште треба да се одржи на 2 октомври.

 

„Се одложи затоа што имаме еден обвинет кој што е недостапен иако ете и судот направи напори, а и од наша страна направивме напори  да добиеме известување сепак имаме уверување дека во текот на оваа недела ќе добиеме и формално известување за достапноста на обвинетиот па наредната недела ќе можеме да продолжиме со судењето“, рече Ленче Ристовска – СЈО.

 

Главниот осомничен во предметот, Горан Грујевски, кој е недостапен за органите на прогонот веќе два месеци и за истиот е покрената меѓународна потерница, заедно со уште шест мина други се товарат дека уништиле службена документација и докази за нелегалното прислушување кое се одвивало во државава. Обвинетите веќе се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

 

„Чекаме прво да стигне предлогот што треба обвинителот да го достави до судот за судење во отсуство после добивање на известие за негова недостапност, а после тоа сметаме како одбрана дека во одвоена постапка би требале да го застапуваме, бидејќи сме ангажирани од неговиот син. Претходно лично јас бев ангажиран лично од него, бидејќи истиот е недостапен јас не можам да дадам ефективна одбрана. На барање на неговиот син  во издвоена постапка се договоривме заедно со колегите да го застапуваме“, рече Љупчо Шврговски, адвокат на одбраната.

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека одговорноста за бегството на обвинетиот во случајот „Тврдина“ Горан Грујевски е на судството. Според него, судството треба да понесе одговорност за оние што овозможуваат криминалците да се шетаат на слобода и да одредуваат мерки што не можат да се ефектуираат во одреден временски период, со што се остава простор за некакво поинакво делување. Тој порачува дека неговото бегство не е неуспех на македонската полиција, туку тоа покажува колку е труло македонското судство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи