Денеска по повод христијанскиот празник „Св.Маченички Вера, Надеж и Љубов“ во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид се служеше света архиерејска литургија, а попладнево во 17 часот во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник ќе има вечерна богослужба.
По богослужбата во 18.30 часот е предвидена и Свечена академија по повод јубилејот 50 години автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Утре во 9 часот во црквата „Света Софија“ по повод празникот „Собор на сите македонски светители“ ќе се одржи света божествена литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан во сослужение на останатите членови на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА.
Одуката за прогласување автокефалност на МПЦ Светиот синод ја донесе на третиот црковно-народен собор и свечената седница одржана на 17 јули 1967 година во црквата „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на МПЦ беше извршен со Светата архијерејска литургија одржана два дена подоцна во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид.