Над еден тон марихуана запленета на граничниот премин Блаце

Facebook
Twitter
Email
Print

Над еден тон марихуана запленија вчера царинските службеници на граничниот премин Блаце на влез во Република Македонија. Дрогата која досега е најголема количина запленета во еден случај е пронајдена во товарно моторно возило, а возачот е во бегство. Крајна дестинација на дрогата била Турција,  а истата е дојдена од Печ.

 

Како што информираше директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, откако возилото на царинската испостава Блаце било пријавено за започнување за транзитна постапка царинските службеници според критериумите за анализа на ризик го известиле возачот дека ќе извршат детален преглед. По кратко време царинскиот застапник го известил царинскиот службеник дека возачот се одалечил од терминалот и заминал во непознат правец оставајќи го возилото и стоката  на граничниот премин.

 

„По консултација со јавен обвинител, пристапено е кон детален преглед на полуприколката која била товарена во Република Косово со отпадна хартија наменета за Република Турција. При прегледот со отстранување на неколку бали хартија во средишниот дел на приколката пронадјени се вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна тежина. Тие биле наполнети со растителна материја со зеленкаста боја која на тестер на дрога покажа дека се работи за наркотична дрога, марихуана“, информираше директорот Ѓоко Танасовски.

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој заедно со директорот на Царинската управа го посетија граничниот премин каде што е запленета дрогата, истакна дека запленета на ова количество дрога покажува дека Владата и МВР се решителни трговијата со дрога, оружје и сите други недозволени трговии да бидат на удар, а со цел справување со криминалот и корупцијата  во Македонија.

 

„Имајќи предвид дека пред три дена имаме запленето 18 килограми марихуана, а сега е над еден тон, укажува на посветеноста  на оние кои работат на овој граничен премин и на сите гранични премини во Република Македонија за сериозна неселективна борба против криминалот и корупцијата која го јаде македонското општество подолго време“, порача Спасовски.

 

Вредноста на марихуаната се проценува на преку 2 милиони евра.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи