Апелација на денешната јавна седница расправа дали бомбите може да се користат како доказ во предметот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Вчера седницата се одложи поради службени обврски на претседателката на Апелацискиот суд, Лилјана Ивановска-Шопова.
Оваа седница е по жалба на Специјалното обвинителство (СЈО), откако во септември судијата Ивица Стефановски од Кривичниот сусд, одлучи да ги отфрли прислушуваните разговори на поранешната министерка.
Обвинителството го претставуваат специјалните обвинители Стевчо Донев и Љубомир Лапе.
Стефчо Донев на денешната јавна седница во Апелациониот суд за жалбата на обвинителството по отфрлањето на „бомбите“ како доказ од кривичниот суд, рече дека це-дето со 5 „бомби“, кои кривичниот суд ги отфрли, се незаконски создадени, но дека СЈО ги добило т.е. прибавило законски. Четири разговори се снимени во 2011, а еден во 2013 година.
На крајот на септември кривичниот совет, кој го оценува обвинителниот акт, чиј претседател е судијата Ивица Стефановски, го прифати предлогот на адвокатите на Елизабета Канческа-Милевска, „бомбите“ што не беа јавно објавени да не бидат доказ во постапката.