Ќе се основа Друштво за македонско-шведско пријателство во Скопје

Facebook
Twitter
Email
Print

Основачкото собрание на Друштвото за македонско-шведско пријателство и соработка денеска ќе се одржи во резиденцијата на Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје.

 

Иницијативата за формирање на ваков вид асоцијација доаѓа од  Македонскиот сојуз во Шведска, кој ги репрезентира и застапува интересите на македонската иселеничка заедница во оваа скандинавска земја. Во рамки на Сојузот на македонските друштва и клубови во Шведска од пред неколку години функционира и Друштво на шведско-македонско пријателство со седиште во Гетеборг, во чии рамки членуваат и повеќемина поединци кои во изминатите години учествувале во реализацијата на проекти и разни форми на соработка меѓу двете земји.

 

Сметаме дека оваа наша иницијатива наидува на плодна почва овде во Скопје бидејќи интересирањето за Скандинавија, и посебно за Шведска, е постојано изразено по разни основи, а во последно време добива и еден поширок контекст, изјави Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.

 

На денешното основачко собрание на Друштвото за македонско-шведско пријателство присутните ќе ги поздрават амбасадорите на двете земји, шведскиот амбасадор во Скопје, Матс Стафансон, и македонскиот амбасадор во Стокхолм, Александра Наќева Ружин.

 

За претседател на ова друштво е предложен Тихомир Илиевски, кој во средината на 1990-тите години беше прв македонски амбасадор во Шведска. Основна програмска цел на друштвото е поттикнување на културната, научната, спортската и други видови соработка и размена меѓу Република Македонија и Кралството Шведска.

 

Во програмата на друштвото спаѓа и поттикнување на изучувањето на шведскиот јазик во Македонија, како и афирмирање на македонскиот јазик во шведската јавност.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи