Видео: Одбележување на Денот на ослободувањето на Прилеп – „3-ти Ноември“

Со пригодна свеченост и положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски – Питу и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп беше одбележан Денот на ослободувањето на Прилеп – „3-ти Ноември“. Свежо цвеќе положија делегации на Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Илија Јованоски, делгација на Советот на Општина Прилеп, предводена од претседателот Миле Талевски, претставници на АРМ, политичките партии и здруженија на граѓани.

 

 

Градоначалникот Јованоски го честиташе Денот на конечното ослободување на Прилеп од фашистичкиот окупатор и истакна дека денеска се оддава почит на народните херои, на паднатите борци, кои своите животи ги вградија во денешната слобода.

 

„Да се потсетиме на нивното херојско дело, но и да го продолжиме аманетот. Да ја зачуваме слободата. Во оваа пригода, посебно упатувам празнични честитки до општинската организација на Сојузот на борци, која што ги негува традициите од НОБ.Минатото нè води до сегашноста, а сегашноста е влог во нашата иднина. Затоа токму од ова светилиште, сакам да порачам дека новата локална власт и јас како градоначалник, интензивно работиме и максимално се залагаме Прилеп да стане достоинствено место за живот на сите граѓани. Европска иднина, економски развој и стабилност и перспективи за младите генерации се приоритетот на нашата агенда“, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

 

Од организацијата на борци на Прилеп го честитаа денешниот ден и истакнаа дека Прилеп треба да се гордее со тоа што го дал во минатото, во сите револуционерни движења. Потенцираа дека Прилеп бил извор на револуционери и патриоти, особено во НОБ.

 

„Прилеп со овој споменик,  Могила на Непобедените, даде свој придонес во одбележувањата, но и споменот на сите народни херои и борци кои ги дадоа своите живот за слободата на Македонија. Не случајно првата пушка пукнала во Прилеп во 1941 година, не случајно Прилеп дал 15 народни херои со кои треба да се гордееме и не е случајно што Прилеп беше најреволуционерниот град. Доказ за сето е овааМогилакаде се наоѓаат моштите на многу наши борци. Со решенијата на АСНОМ 1944 година се оформи Македонија после многу векови на ропства и самопрогласени кралства. Ова празнување градот Херој секогаш го одбележува и никогаш овие настани да не се заборават, младите да ја почитуваат историјата затоа што без минато нема сегашност и нема иднина“, кажа Круме Соколоски, претседател на Сојузот на борци – Прилеп.

 

Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, рече дека овој ден е еден од најзначајните датуми во историјата на Прилеп.

 

 

„Нашите предци кои се избориле за слободата која ја имаме сега е мотив повеќе ние како нови генерации да се избориме повеќе за нови работни места, економски просперитет, да се избориме младите да останат и да работат дома. Нека им е вечна слава на сите борци од НОБ“, изјави Миле Талевски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

 

По повод празникот „3-ти Ноември“ градоначалникот на Прилеп оствари средба со организацијата на борци, како и со поранешните градоначалници и претседатели на Совет на Општина Прилеп.

 

Чествувањата за празникот продолжуваат вечерво 20 часот каде на свечена седница на Советот на Општина Прилеп, во големата собраниска сала, ќе бидат доделени и наградите на годинешните лауреати на наградата „3-ти Ноември“.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи