СЈО бара максимална казна за Грујевски

Facebook
Twitter
Email
Print

Oбвинителката на СЈО Ленче Ристоска на денешните завршни зборови на рочиштето за случајот Тврдина 2 побара максимална затворска казна за поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски.

 

Ристоска побара судот да ги цени отежнителните околности тоа што обвинетиот иако знаел дека постапката е во тек, избегал.

 

Обвинителката во своето излагање рече дека мотивот за уништувањето на документацијата е очигледен– „да се уништат доказите за лицата кои го правеле прислушувањето”.

 

“Во текот на постапката успеавме да докажеме дека обвинетите ја уништиле документацијата поврзана со системите за прислушување. Обвинетиот Горан Грујевски презел низа незаконски дејствија. Тој немал законска надлежност да формира комисија за ништење на документите. Според Законот за архивско работење Државниот архив мора да даде одобрение за ништење на документите”, рече Ристоска.

 

Исто така, Ристоска рече дека не постои барање до Архивот за ништење на документи.

 

Како што рече обвинителката, биле ништени документи од 2007 до 2015 година, што значи дека не станувало збор за годишно ништење на документи.

 

“Намерата да се сокријат докази доаѓа и од фактот дека процесот на ништење на документацијата започнал во исто време со ништењето на системите за прислушување. УБК нема посебна процедура за ништење на материјали, што значи требало да ангажираат фирма за ништење, а не документите да ги палат во базата во Петровец”, рече Ристоска.

 

За останатите шестмина обвинети, Ристоска побара алтернативна казна и побара судот да ги цени отежнителните околности како тоа што ниту еден од нив не се покајал за дејството, но и олеснителните околности како тоа дека ниту еден од обвинетите нема никаква дамка во службата во претходното работење.

 

Адвокатот на Грујевски, Љупчо Шврговски побара судот да ги ослободни обвинетите од обвиненијата, бидејќи во овој случај не постои кривично дело.

 

Адвокатите Миле Петровски и Петар Василев во своите завршни зборови ја спореа надлежноста на СЈО за овој случај. Рочиштето се уште трае.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи