Проширување на соработката меѓу А-5 земјите за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата е темата на Конференција на началниците на генералшатабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба која денес се оддржа во Скопје.
На конференцијата, покрај учеството на началникот на генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и заменик на командантот на командата на армијата на САД за Европа генерал потполковник Тимоти Реј, учествуваа и началниците на армиите на војските на Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина како членки на А-5 групата, додека од земјите набљудувачи Словенија, Србија и Косово и претставници од осум национални гарди од САД, кои се партнери на земјите од А-5.
На конференцијата присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека Јадранската повелба претставува јасна порака за отворената врата на НАТО и дека Европа нема да биде безбедна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден.
„Јарданската повелба претставува јасна порака за отворената врата на НАТО. Во повебата се истакнува дека Европа нема да биде вистински слободна се додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден. Европа не може да биде обединета, се додека има држави од регионот кои се уште не се вклучени во евро- атлантските институции. Отворената врата е метафорична покана да влеземе во Алијасата, а сепак, речиси десет години Република Македонија чека пред отворената врата на НАТО“, истакна во својот говор, шефот на државата Ѓорге Иванов.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а средбите во формат началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.