По повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народната жалост амбасадите на Франција и Германија одржаа комеморации со полагање на цвеќиња на француските гробишта во Битола и германските гробишта во Прилеп. Амбасадорите на вековните ривали и лути противници, Томас Герберих и Кристиан Тимоние истакнаа дека примерот на помирување на Германија и Франција треба особено да го следат земјите од Западен Балкан кои сакаат да станат дел од европското семејство и да бидат дел од европските вредности.
„Ние претходно бевме на француските гробишта во Битола, сега сме тука на германските воени гробишта, а целта е да си споменеме за починатите. Со тоа уште еднаш сакавме да покажеме дека можно е да постои мир помеѓу нации кои претходно војувале помеѓу себе. Тоа функционира бидејќи во прв план не беа националните туку заедничките интереси. Така е многу години наназад, така и ќе продолжиме и сакаме ова да биде пример за создавање мир во светот и сите региони. Тоа е можно преку единството кое го постигнавме во Европа и ние сме пример како конфликтите може да се решат на мирољубив начин“, кажа Томас Герберих, амабасадор на Германија во Македонија.
„Доволно е да се види овој гроб и сите националности кои почиваат тука, да помислиме на тие кои загинале и ги дале своите животи, но и да помислиме на идните генерации. За нас тоа е една заедничка должност да ја изградиме Европа. Нашето мислење е дека оваа Европа треба заедно да ја изградиме. Нашите двајца претседатели вчера беа на еден сличен настан каде воделе борби од 1914 до 1918 година, не сме заборавиле дека мирот е кревко добро и дека тој треба да продолжи да се гради на целиот европски континент. Сметаме дека Македонија треба да биде еден значаен дел од оваа европска градба, како по својата внатрешна така и по надворешната конструкција“, рече Кристиан Тимоние, амабасадор на Франција во Македонија.
Иако денес Германија и Франција го слават заедништвото и помирувањето сепак во Европа се случуваат процеси и настани кои доведуваат дури и до конфликтни ситуации помеѓу и во самите европски држави. Амбасадорите беа запрашани дали тоа може да ја наруши стабилноста и единството во Европа .
„Нашиот мир е јак бидејќи почива на вредности кои што се големи, а тоа е почитувањето на другиот и почитувањето на правната држава. Ја почитуваме историјата и персоналитетот на секој народ колкава и да е неговата големина. Се разбира како и во секое семејство може да има кавги, но тука сме заедно за да живееме уште долго време“, додаде Кристиан Тимоние, амабасадор на Франција во Македонија.
„Да ние сеуште веруваме во заедничка Европа. Европа на прв план се гледа како еден голем економски простор, но често пати се заборава дека тоа е регион каде долго време има мир помеѓу народите . Ние би сакале таа да биде проширена кон Западен балкан и во неа да влезат и други земји“, истакна Томас Герберих, амабасадор на Германија во Македонија.
Амбасадорите го пофалија договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија и потенцираа дека тоа треба да биде пример како и понатаму Македонија да се однесува кон соседите. Но не дадоа одговор дали наскоро ќе се потпише некаков договор и помеѓу Македонија и Грција.
„Во моментов најголема е надежта дека тоа наскоро ќе се случи. Јас сум само 2,5 месеци тука, но сега е моментот кога треба да се искористи шансата и ние сме подготвени да ве поддржиме во тоа“, изјави Томас Герберих, амабасадор на Германија во Македонија.
Но и покрај сите надежи Балканот и понатаму останува да биде „Буре барут“, место каде сеуште се негира постоењето на цели нации, каде живеат идеите за создавање на големи држави, место каде царува национализмот, кој за жал пак го негуваат и актуелни политичари во скоро сите држави.
И покрај обидите кои се прават во последно време за надминување на оваа состојба тоа некако оди тешко. За жал на Балканот историјата, барем засега, и тоа како го држи приматот пред иднината.