Специјалниот јавен обвинител, Гаврил Бубевски, кој го застапува обвинението во предметот „Труст“, по денешната главна расправа изјави дека обвинителството има двајца сведоци кои гo потврдуваат она што го тврдат материјалните докази.
„Во материјалните докази е суштината на процесот. Затоа што се работи за јавна набавка, невистинитоста на документацијата е есенцијата на ова кривично дело. Законодавецот на тој начин ја штити конкуренцијата и не дозволува со невистинита документација да дојдеш до работа која тие велат дека ја сработиле. Нема сработување на нешто до кое што си дошол без валидна документација, ризикот е твој, сам знаеш дека влегуваш на криминален начин и ако те фатат после ќе си ги вратиш тие 17 милиони. Целокупната постапка на добивање тендери со поднесување фалсификувана документација, ја прави самата постапка ништовна. Со тоа сите средства добиени од таа јавна набавка претставуваат против правна имотна корист. Немам дилема дека сите 17 милиони евра се против правна имотна корист за правните лица дел од конзорциумот“, истакна Бубевски.
Бубовски посочи дека постапката ќе се прошири и на функционери чии имиња беа спомнати во бомбите, доколку се појават нови докази, но дека за сега нема докази кои ги инволвираат во кривичното дело.
Инаку по 3 часа расправа денеска заврши првото рочиште за случајот „Труст“ на СЈО, во кој првообвинет е бизнисменот Сеат Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија, дека со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. На следното рочиште на 21 ноември е закажана доказната постапка.
Сеат Кочан денеска се изјасни за невин за обвиненијата што против него ги изнесе Специјалното јавно обвинителство.
За невини се изјаснија и второобвинетиот Василије Авировиќ и третообвинетиот Сафет Ватиќ. За адвокатката Сања Алексиќ, бранителка на 2 обвинети и на правните лица, вештачењето на СЈО е нерелевантно.