ВИДЕО – Димеска: Поради неквалитетен инсулин досега починаа голем број на граѓани со дијабет

По повод Светскиот ден на дијабетот 14 ноември Здружението на граѓани со дијабет од нашиот град – „Светлост за нас“ остварија средба со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, на која им беше ветена финансиска помош и нови простории. Од Здружението истакнаа дека се многу благодарни за помошта која им ја даде Општината и посакаа во иднина да немаат проблеми со неквалитетен инсулин како досега, од кој дури и починале голем број на лица со дијабет.

 

 

„Денеска сме премногу возбудени бидејќи конечно добивме простории и поддршка од локалната самоуправа. Досега јас упорно барав просторија за да се собираме како Здружение, но не ни беше дадена таква помош. Во изминативе 2 години имавме голем проблем со квалитетот на инсулинот, започнувајќи од мене, сите пациенти имавме доста тешки моменти со хипогликемии и хипергликемии. Одржувавме состаноци со Комисијата за дијабет во Скопје, но постојано ни беше кажувано дека инсулинот е добар. Последиците кај пациентите се огромни. Многу членови на здружението починаа. Имаат исто така и проблеми со прстите на нозете и голем дел се и оперирани. Сето ова е последица на инсулинот. Се надеваме дека во 2018 година ќе добиеме најнови инсулини и дека подобро ќе се лечиме“, рече Мирјана Димеска, претседател на Здружението на граѓани со дијабет „Светлост за нас“.

 

На средбата Јованоски им вети финансиска помош, како и нови простории кои локалната самоуправа им ги даде бесплатно на користење, а кои се наоѓаат во старата општинска зграда.

 

„Денеска остваривме средба со членовите на Здружението на граѓани со дијабет од нашиот град. Се договоривме за начинот и темпото за понатамошната наша соработка. Исто така се договоривме локалната самоуправа да им овозможи да имаат простор во еден ден од старата општинска зграда, а Здружението ќе го помогнеме и финансиски. Овие луѓе секој ден ги има се повеќе и повеќе, не само во нашиот град туку и во светот. Дијабетичарите се голем процент од нашата популација и имаат посебен третман и начин на живот, затоа ќе ги поддржиме во секој поглед. Овие луѓе мора да функционираат како сите останати. Исто така сакам денес да им го честитам светскиот ден на дијабетот и годинешното мото менувањето на дијабетот. Менувањето на дијабетот треба да се насочи во вистинска насока затоа што овие луѓе функционираат во посебна состојба, а голем дел од нив со овој проблем се соочуваат уште од мали нозе“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Денеска по повод Светскиот ден на дијабетот, 14 ноември, во состав на акцијата „Здравје за сите“, екипи на Здравствениот дом од Прилеп вршеа бесплатно мерење на шеќер во крвта, од 10 до 12 часот, пред кафе бар „Ди Каприо“ на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.

 

Бесплатно мерење на шеќер во крвта вршеше и Лајонс клубот од Прилеп кај Градскиот часовник.

 

Бројот на заболени граѓани од дијабет во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени изнесувал околу 3.960 лица. Оваа бројка е во постојан подем особено кај младата популација.

 

Според некои податоци во Прилеп од дијабет се заболени 5 % од граѓаните, а 10 до 15 % имаат латентен дијабет, односно и сами незнаат дека се болни од оваа болест, а последиците ги чувствуваат после извесен период.

 

Светскиот Ден на дијабетот е создаден од страна на Светската организација за борба против дијабетот (IDF) и Светската здравствена организација (СЗО) во 1991 година, како одговор на загриженоста поради ескалацијата на дијабетот во целиот свет.

 

Светскиот ден на дијабетот се празнува секоја година на 14 ноември, а датумот е избран поради тоа што го одбележува роденденот на д-р Фредерик Бантинг, кој заедно со д-р Чарлс Бест, е заслужен за откривањето на инсулинот во 1921 година.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи