Во Република Македонија 147.000 луѓе боледуваат од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).
Под мотото „Многуте лица на ХОББ“, утре ќе се одбележи Светскиот ден на ХОББ, а целта е подигнување на свеста, информирање на јавноста за манифестациите, можните последици и превентивните и тераписките можности, со што би овозможиле навремено дијагностицирање и подобрување на грижата за пациентите.
Податоците за амбулантски и хоспитално лекувани болни од ХОББ на Клиниката за пулмологија и алергологија покажуваат тренд на зголемување во последните четири години (2014 година – 3.195 амбулантски и 523 хоспитално лекувани, 2015 – 3.737 амбулантски и 586 хоспитално, 2016 – 4.320 амбулантски и 610 хоспитализации, 2017 – 3.587 амбулантски (20 отсто од сите прегледи) и 654 хоспитализации (што претставува 42 отсто од сите хоспитализирани пациенти).
ХОББ претставува прогресивна, но истовремено и превентивна болест на белите дробови што се третира. Доведува до отежнато дишење, склоност кон влошување на респираторните симптоми, но предизвикува и низа придружни сериозни болести. Најчестите симптоми на кои се жалат пациентите се отежнато дишење, задушување, недостиг од воздух, кашлица со искашлување секрет, придружени со слабост, губење на апетитот и на телесната тежина.
Освен пушењето, кое претставува главна причина за ХОББ, ризик-фактори се и загадувањето на воздухот, професионалната изложеност на штетни гасови, прашина, хемикалии, генетски фактори, неконтролирана астма… Се проценува дека во следните години бројот на пациентите со ХОББ ќе се зголемува поради зголемување на бројот на пушачите, но и поради глобалното стареење на светската популација. Според последните истражувања, балканските земји се на врвот на светската листа по бројот на пушачите.
Според податоците на Светската здравствена организација, од ХОББ боледуваат 328 милиони луѓе, што претставува 5-10 отсто од светската популација. Од нив 168 милиони се мажи, а 160 милиони се жени. Според последните истражувања, околу три милиони луѓе годишно умираат од оваа болест. Најголем процент од нив (повеќе од 90 отсто) се во слабо и во средно развиените земји.