Заев очекува брзо решение за спорот со името

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонскиот премиер Зоран Заев излезе со став дека очекува на 20 или 21 ноември да се одржи првата средба меѓу преговарачите од Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации во решавањето на спорот со името, Метју Нимиц.

 

Заев ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање по средбата со словенечкиот премиер Миро Церар. Заев зборуваше и за натамошниот тек на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, при што напомена дека во таа насока пред се фокус се става во решавањето на спорот со Грција.

 

„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц. Ние, во Македонија, се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување“, нагласи македонскиот премиер Заев.

 

Заев истакна дека овој месец се очекува интензивирање на преговорите. Исто така тој посочи дека Македонија гради пријателски односи со Грција и изрази уверување дека во таква пријателска атмосфера може да се најде решение и на ова, како што истакна, горливо прашање

 

Од друга страна македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров оствари уште една средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас на маргините на состанокот на шефовите на дипломатите на земјите од ЕУ во Брисел.

 

 

Како што соопштија двајцата министри тие разговарале за комуникациските модалитети, како и комуникациските механизми во рамки на ЕУ.

 

„Разговаравме за прашања поврзани со комуникациите, комуникациските механизми во ЕУ, при што потенцирав дека мораме да имаме исправна политика за да имаме исправна комуникација. Европа има потреба од политиките засновани на вредности, демократија, на социјална прашања, како и на визијата за поинакво општество“, истакна Коѕијас.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи