Советот едногласно ги усвои одлуките за формирање паралелки со помал број ученици

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа четвртата редовна седница,  во присуство на градоначалникот Илија Јованоски, на која што се расправаше и се усвоија предлог точките на дневен ред: План на развојни програми на Општина Прилеп за 2018 година, Одлука за ослободување од плаќање надомест за уредување на градежно земјиште за изградба на објект на КП бр.743/8 КО Прилеп за заштита и чување на електронски податоци, на инвеститорот Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, Одлука за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици за учебната 2017/2018 година во средните училишта во Општина Прилеп, Одлука за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици за учебната 2017/2018 година во основните општински училишта во Општина Прилеп.

 

„Денеска се одржа четвртата седница на Советот на Општина Прилеп на која се разгледувани неколку точки од битно значење за граѓаните на Општина Прилеп. Една од најбитните точки е донесување на Развоен план и програма за 2018 година. Во развојните програми беа наведени голем број потреби и проблеми кои што ги имаат граѓаните врз основа на што почнуваме со  реализација и разрешување на овие проблеми кои ги мачат граѓаните во изминатиот период меѓу кои: комплетна реконструкција на улиците и патиштата во градот за 2018 година, при што предвидени се голем број средства и комплетна реконструкција. Предвидени се средства за регулација на речното корито на Градска река, со цел да се заштитат граѓаните и објектите од временските неприлики што  би можеле да се случуваат во иднина. Друга точка на дневен ред беше формирање паралелки  со помал број ученици, зашто законската норма предвидува да не надминува бројот над 25 ученици и истата мора да биде во согласност со Министерство за образование. Согласностите беа доставени и до Советот по што беа едногласно усвоени“ изјави Миле Талески, претседател  на Советот на Општина Прилеп.

 

 

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески истакна дека на денешната седница биле донесени повеќе одлуки, од кои сакал да ја потенцира одлуката за ослободување од плаќање надомест за уредување на градежно земјиште за изградба на објект за заштита и чување на електронски податоци на Министерството за внатрешни работи.

 

„Ние се изјаснивме позитивно по оваа точка, бидејќи ова е еден проект кој владата на ВМРО-ДПМНЕ го отпочна уште во 2013 година и со ова секако се дава ослободување од комуналии, се дава согласност од наша страна за продолжување и изградба на овој проект кој ќе биде секако од интерес за градот Прилеп. На оваа седница ние како советничка група дадовме предлог неколку одлуки кои требаше да се најдат на дневен ред, одлука за доделување на бесплатни парцели во типската населба Градина и ослободување од комуналии за млади брачни парови. Ова е една наша мерка која ние ја ветивме во изборната кампања и секако чувствуваме потреба за сите оние граѓани кои го дадоа гласот за нашата партија да ги реализираме и да ги предлагаме сите оние мерки кои претходно сме ги предлагале во избоната кампања. Исто така сакам да кажам дека дадовме предлог одлука за обештетување на семејството Стеваноски, кои пред неколку дена доживеаја навистина една трагедија“, изјави Ристески.

 

 

Дневниот ред беше дополнет со две точки од кои едната Решение за констатирање престанок на мандат на член на Советот на Општина Прилеп со што беше констатиран престанокот на мандатот на советничката Моника Грашеска Илиеска, а втората Решение за верификација на мандатот на член на Советот на Општина Прилеп, се верифицира мандатот на Весна Ангелеска за член на Советот на Општина Прилеп од редовите на СДСМ.

 

На предлог на предлагачот повлечена од дневен ред беше точката -Програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на  градежно земјиште на подрачјето на Општина Прилеп за 2017 година.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи