Спирковски : Куќата на Блаже Конески во Небрегово под итно да биде внесена во сите училишни екскурзии

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Министерството за образование и наука треба под итно да превземе иницијатива со која посетата на родната куќа на Блаже Конески во прилепското село Небрегово ќе биде вклучена во редовните тури на сите училишни екскурзии во државава. Ова е ставот на главниот иницијатор за возобновувањето на родниот дом на Конески, Миле Спирковски, кој сега е водич во Спомен домот на сите туристи кои го посетуваат. Спирковски годинава ја доби и наградата „3-ти Ноември“ што ја доделува Општина Прилеп.

 

„Јас планирам да испратам едно писмо до Министерството за образование и наука во кое ќе побарам посетата на Спомен домот на Блаже Конески во село Небрегово да биде ставена во сите училишни екскурзии. Жално е што тоа досега не е направено. Конески е една од најзначајните личности на нашата држава. Тој ја составил македонската азбука, ги напишал македонскиот правопис и граматика, а над 10 години заедно со уште тројца колеги го собирале зборовното богатство на македонскиот јазик. Собрале над 70.000 зборови и истите ги сместиле во тротомен македонски речник. Оваа идеја за посета на куќата ја зедов како пример од скоро сите држави во Европа. На пример во Германија, каде основоположник на современиот гермнаски јазик е Гете, таму сите ученици од цела Германија задолжително ја посетуваат неговата родна куќа, основоположник на современиот српски јазик е Вук Караџиќ и сите ученици во Србија ја посетуваат неговата родна куќа во с. Тршиќ итн… Не гледам причина зошто сите ученици од Македонија да не дојдат и да ја посетат оваа куќа. Претходно навистина проблем беше патот, но сега нема причина тоа да не се реализира“, потенцира Спирковски.

 

Од минатата година патот Прилеп – с. Небрегово, во растојание од околу 18 км., е комплетно реконструиран и поставен е нов слој на асфалт. Сега тука нема никаков проблем да поминуваат и автобуси.

 

„Инаку низ Прилеп постојано поминуваат автобуси во рамките на училишните екскурзии за да се посети Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево. Значи доволно е тие автобуси да свратат уште само 20 км. и учениците навистина ќе имаат ретка можност да го видат џиновското творештво кое Конески ни го остави нам како културно наследство“, додава Спирковски.

 

 

Спирковски вели дека целата иницијативата за да се претвори во Спомен дом родната куќа на Конески била негова. После 11 годишна борба за оваа идеја конечно на 1 август 2005 година во присуство на највисокиот државен, црковен и воен врв, како и претставници на целиот дипломатски кор во Македонија бил отворен овој музеј.

 

„Немаше институција која не ја посетив за да се реализира оваа идеја. На локално ниво одев во музејот во Прилеп и општините Прилеп и Долнени, бидејќи с. Небрегово територијално припаѓа во општина Долнени. Потоа на државно ниво одев во Друштвото на писателите на Македонија, Филолошкиот факултет и МАНУ. Во сите 11 години додека растрчував од институција до институција да се возбнови овој Спомен дом моја десна рака беше професорот Људмил Спасов. Направивме се оваа идеја да се реализира. Имаше огромен број проблеми, сопнувања, поставување намерни препреки. Ми нудеа да бидам началник на подрачната единица на Министерството за одбрана во Прилеп само за да се откажам од оваа идеја, но јас не прифатив и поради тоа ме пуштија технолошки вишок. Имаше голем број луѓе на кои Конески им пречеше и сеуште им пречи. Но ние успеавме сето тоа да го победиме“, се потсетува Спирковски.

 

Куќата сега ја посетуваат голем број домашни и странски посетители. Тука биле Виктор Фридман, професор и светски славист на чикашкиот универзитет, потоа професорката Кристина Крамер од Универзитетот од Торонто, Канада, која тука донесла и свои ученици. Куќата ја посетувале и Македонци од Бугарија, како од ОМО „Илинден“ и егејскиот дел на Грција, кога Павле Васкопулос, тука во родната куќа на Конески, на еден начин го промовирал „Абецедарот“ од проф. Виктор Фридман.

 

„Оваа Спомен куќа за Небрегово и Прилеп може да претставува прозорец кон светот. Таа ќе биде најпосетуваниот музеј во Македонија доколку Министерстово за образование ја реализира оваа моја идеја. Со тоа секоја година над 300.000 ученици би ја посетувале оваа куќа. Досега проблем освен ископаниот пат беше и тоа што по тесниот коловоз поминуваа и камиони со мермер од блискиот рудник, но сега нивната траса е променета и сега не постои никаква опасност“, вели Спирковски.

 

Сите оние кои сакаат да ја посетат родната куќа на Блаже Конески може да го контактираат Миле Спирковски на неговиот телефонски број 075-240-948 и истите ќе бидат пречекани во точно определеното време и место.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи