СКМ: За пет години Македонија може да остане без сметководители

Facebook
Twitter
Email
Print

За пет години Македонија може да остане без сметководители. Во оваа струка засега има 7.197 овластени професионалци, а вршители на дејност се 1.221. Од вкупниот број, 24 отсто се на возраст до 35 години, додека преку 51 процент надминуваат 55 години, алармира Стопанската комора.

 

Состојбата е загрижувачка, вели Анета Трајковска од Стопанската комора, бидејќи сметководителите се на возраст од над 55 години, а во оваа професија 75 отсто се жени.

 

„Проблем е тоа што мал е бројот на млади кои прифаќаат да се занимаваат со сметководство. Дополнително сметководството како професија сè уште не е доволно регулирано. Сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво, да се третира како професионална, аналитичка професија, што на бизнисот ќе му овозможи носење соодветни, менаџерски одлуки“, изјави Трајковска.

 

Според Ленче Папазовска од Сојузот на сметководители, сметководителите треба да ги следат сите промени, особено во законската регулатива, да стекнат знаења за анализа на финансиските извештаи, да имаат проактивна улога, а не само да вршат внес на податоци.

 

„Кога ќе се спомне сметководител кај нас, обично се мисли на лице кое седи во канцеларија и во својот компјутер внесува промени за деловните трансакции на клиентите и дава известување до УЈП, но малку се зборува за лица кои анализираат финансиски извештаи, комуницираат со своите клиенти, помагаат во донесување стратешки одлуки… Во развиениот свет под сметководител се подразбира оној што директно соработува со своите претпоставени и менаџер“, истакна Папазовска.

 

Неопходна е примена на информатичка технологија, дигитални платформи и мобилни апликации за подобрување на услугите, како и користење социјални мрежи во насока на изнаоѓање нови клиенти и поквалитетна комуникација со постојните.

 

„Прво треба да се утврди статусот на сметководителите и регулира професијата. Вклучувањето на новите технологиии исто така ќе овозможат поголем интерес на младите за оваа професија. Не само дигиталната технологија туку и воведувањето на мобилните апликации за реализирање на дел од услугите, како и искористувањето на социјалните мрежи многу би придонело за подобрување на интересот кај младите, но е потребно и да се поедностави процесот на вклучување на младите во постапката, користењето на социјалните мрежи за барање нови клиенти и слично“, вели Папазовска.

 

Покрај проблемот со возрасната структура на сметководителите, како што наведува Папазовска, проблем е и тоа што најголемиот дел од новите меѓународни прописи од областа, Македонија сè уште не ги презела.

 

„Моментално работиме според стандарди од 2003 година и неколку измени направени во 2008 година. Посебно се потребни стандардите кои се важечки во ЕУ а се врзани за финансиското известување“, додаде Папазовска.

 

Во земјава има 7.197 овластени сметководители и 1.221 трговско друштво и друштво за сметководство.

 

Папазовска вели дека последните години се направени напори да се елиминираат дивите сметководители со лиценцирањето на сметководителите и законското ограничување сметководител кој нема лиценца да не може да поднесува извештаи пред Управата за јавни приходи.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи