Бугарската православна црква ќе го разгледува барањето на МПЦ-ОА да ѝ стане црква-мајка откако ќе го слушне мислењето и на другите цркви, вели бугарскиот митрополит Варненски и Великопреславски Јован, пренесува БТА. Тој посочува дека прашањето за Македонската црква е сериозна тема што треба мора да биде решена на многу одговорен начин, при што ќе се почитува и православниот канонски ред.
„Брзите решенија никогаш не се добри. Дали треба или не треба, тоа е прашање што треба да биде разгледано откако ќе се слушне мислењето и на другите цркви “, изјави митрополитот Јован пред денешната утринска литургија во црквата Свети Александар Невски во Софија.
Тој не прецизира дали прашањето за МПЦ ќе биде разгледувано за време на претстојната посета на бугарскиот патријарх Неофит на Москва. Вели дека посетата на поглаварот на БПЦ на Москва има конкретен повод, а тоа е 100-годишнината од интронизацијата на Светиот патријарх Тихон.
„Посетата на Москва ќе се реализира од 1 до 8 декември, но јас нема да учествувам во делегацијата“, изјави митрополитот Јован.
Пред неколку дена Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија испратил писмо до Бугарската православна црква во кое бара од нив да бидат нивна црква-мајка ако ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА.