Дали во духот на новиот договор со Бугарија ќе се менува поставката во Участакот во Прилеп ?

Facebook
Twitter
Email
Print

„Да се сетиме на тие денови, денови на отпор и гордост. Денови на борба и слобода !

Сеќавање на штрајкот на средношколската младина против бугарскиот фашистички окупатор на 8 декември 1941 година“

 

Ова е напишано на спомен плочата која се наоѓа на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и е само една од повеќето вакви спомен плочи и обележја во градот херој кои ја означуваат борбата на македонскиот народ за слобода од бугарскиот фашистички окупатор.

 

Особено историјата од НОБ е претставена во музејот „11 Октомври“ или Участакот, кој бил местото каде пукнала првата пушка, или објект познат како бугарски затвор.

 

Денес 70-тина години од оваа борба Македонија потпишува договор за соработка со Бугарија, во кој договор премиерот Заев најави дека ќе има и ревизија на историјата и учебниците. Дури потенцираше дека во неговата Струмица веќе на еден начин започнала таа ревизија пред неколку години со бришење зборот „бугарски“ од слична ваква спомен плоча.

 

Прилеп е град кој е особено горд на својата историја, а има и живи борци кои ја создавале таа историја, борци чии пријатели, роднини, браќа и сестри, па и цели фамилии загинале токму од тој бугарски фашистички окупатор.

 

Од тука во „духот на новиот договор“ се отвораат прашањата :

 

 

  • Дали ќе има ревидирање на историјата во Прилеп ?

 

  • Ако има, од кои спомен обележја ќе биде избришан зборот бугарски ?

 

  • Дали ќе се променува дел од поставката во Участакот каде се споменува зборот „бугарски“ или „Бугарија“ ?

 

  • Кога посетителите ќе го посетат музејот, кустосите и историчарите дали ќе променат дел од своите презентации ?

 

  • Како на сето ова гледа организацијата на борци на град Прилеп

 

  • Против кого се бореле партизаните ?

 

 

Денеска во Струмица премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, истакна :

 

„Историјата ни е илјадагодишна, може секој да спори и да тврди кој е постар. Историчарите треба да се занимаваат со тоа. Ние со колегата Заев сакаме да решаваме практични прашања. Вие сте млади луѓе, не се замарајте, радувајте се на животот. Ниту ние ќе дојдеме да живееме тука, ниту вие кај нас. Можеме само да си го направиме животот поубав. Сакаме по многу години спокојно да си го пиете кафетo, во Софија или во Скопје на Вардар. И ако тогаш се сетите на нас, добро. Ако не се сетите, пак добро“, рече Борисов.

 

И ова е одлично и така треба да биде доколку навистина е кажано со искрени намери. Секогаш иднината треба да биде пред историјата.

 

Но НОБ не се случил пред 2.000 години за време на Александар Македонски, туку пред 70 години и како што кажавме имаме живи сведоци за тоа и еден куп историски факти и документи. Германија се извини на целиот свет за злосторствата извршени во Втората Светска војна од страна на нацистите. Можеби кога тоа би го направила и Бугарија, меѓусебното почитување ќе биде на многу повисоко ниво и навистина ќе може да зборуваме за заедничка иднина.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи