Предложените мерки од страна на ММФ на товар на граѓаните

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија има загрижувачки брз пораст на јавниот долг, па затоа има и итна потреба од посилна фискална консолидација, се вели во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за финансиската состојба на земјава. Предупредувањата се дека до 2022 година долгот на Македонија би можел да достигне дури 53 отсто.

 

ММФ предлага да се зголемат даноците на горива и на имот, како дел од мерките за зголемување на приходите на државата за да може да се компензира за зголеменото трошење на пензии и субвенции изминативе години. ММФ, во извештајот за Македонија објавен вчера, сугерира веднаш да се почне со консолидација на фискалната политика со мерки на страната на приходите, но и на страната на расходите.

 

Старосната граница за пензионирање во Македонија е пониска отколку што е просекот во Европа, пишува Меѓународниот монетарен фонд во препораките за економијата на земјава. Според ММФ, границата за одење во пензија мора де се помести, односно вработените да се пензионираат постари, но исто така и да се направат измени на законите кои овозможуваат порано пензионирање.

 

Покрај зголемените даноци, ММФ препорачува поефикасна наплата на данокот на додадена вредност, за која што ММФ вели дека е пониска од земјите во регионот на Западен Балкан, како и намалување на нетаргетираните субвенции, посебно во земјоделскиот сектор.

„Фискалната експанзија во изминативе години беше придружувана со повисоки пензии и субвенции. Консолидацијата треба да почне без одлагање, преку поефикасно собирање на ДДВ, рационализација на субвенциите, пензиски реформи и повисоки даноци на горива и имот. Овие мерки ќе осигураат фискална одржливост и ќе помогнат да се обезбедат големите инвестициски потреби во инфраструктура и човечки капитал“, се вели во извештајот на ММФ.

 

За монетарната политика, ММФ вели дека засега е соодветна, но ќе биде потребно затегнување ако инфлацијата почне да расте рапидно. Финансискиот сектор, според ММФ, е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.

 

ММФ предвидува раст на БДП од 1,9 отсто за 2017 година, 3,2 отсто за следната година и 3,8 отсто на среден рок.

 

„Економската активност беше поддржана од приватната потрошувачка и извозот, додека негативните ефекти од пролонгираната политичка нестабилност ги ограничија инвестициите и го забавија кредитниот раст“, наведува ММФ.

 

ММФ предупредува дека стапката на неврабоенста во Македонија од 23 отсто, е меѓу највисоките во Европа, па затоа препорачува реформи во образованието бидејќи невработените се главно неквалификувани.

 

Македонија има најниска стапка во Европа, на жени во работната сила, дополнува ММФ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи