Светиот синод на БПЦ денеска треба да го разгледува писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.
Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.
Претходно, од БПЦ посочија дека пред да донесат одлука, ќе се консултираат со сите засегнати цркви, со цел да се изнајде вистинско решение.
Од друга страна, бугарската интелектуална јавност, ја повика БПЦ да го искористи овој момент и да ја признае МПЦ-ОА.
Струмичкиот митрополит Наум, вчера уште еднаш ја повика БПЦ да не ја пропушти шансата што сега ја има и да го прифати барањето на МПЦ-ОА.