Измени во Законот за електронски комуникации: Сигналот за прислушување ќе оди во новата агенција (ОТА), а не во УБК

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерството за внатрешни работи го објави текстот на измените на Законот за следење на комуникациите. Со предложениот закон, се вели во зaконските измени,  се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија, со цел нивна соодветна практична имплементација.

 

„Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори“, се вели во законското образложение.

 

Со усвојувањето на предложениот закон, се посочува во законот, ќе се надминат детектираните проблеми во областа на следењето на комуникациите и ќе се овозможи доследна практична имплементација. Во таа насока е и бришењето на членот 175 од Законот за следење на комуникациите, во кој се пропишуваше должноста операторите да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за електронските  комуникации.

 

 Законското објаснување на предложените измени:

 

„Со членовите 1 и 2 од Предлог-законот се менуваат членовите 168 во став (2) и 169 во став (1) од Законот за електронските комуникации, кои упатуваат на член 175. Со членот 3 се брише член 175 од законот, поради негово допрецизирање преку интегрирање во текстот од Законот за следење на комуникациите. Имено, со измените и дополнувањата содржани во првите три члена од овој предлог-текст на законот се врши целосна хармонизација помеѓу одредбите од овој закон со Законот за следење на комуникациите.

 

Со членот 4 се бришат глобите пропишани за сторени повреди на законот од страна на правно лице или трговец поединец кои произлегуваат од обврските утврдени во членот 175.

 

Со членот 5 се дава одложна примена на одредбите од овој Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации, поради обезбедување континуитет на законските одредби содржани во различни законски акти, а чија примена е условена со почетокот на примената на Законот за следење на комуникациите, најдоцна до 1 ноември 2018 година.

 

Со членот 6 се уредува влегувањето во сила на законот.“

 

Со тоа контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации станува член 60 од новиот Закон за следење на комуникациите, со новите измени што треба да го регулираат прислушувањето и да го заштитат од злоупотреби, во согласност со препораките од извештатите на експертската група на Рајнхард Прибе.

 

Членот 60 од новиот Закон за следење на комуникации, во најголем дел е истиот член 175, со безмалку истите одредби, а главната новина и прецизирањето во него е воведувањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА).

 

Ова значи дека сега ОТА ќе биде органот, а не УБК, кон кој операторите ќе имаат обврска:

 

  • Да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи;

  • На сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до OTA, за да се овозможи спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа;

  • На сопствен трошок да обезбедат и да одржуваат опрема и соодветни медијациски уреди, кои овозможуваат рефлектирање на сигналот во ОТА;

  • Во случај кога операторите имаат воведено компресија или крипто-заштита на комуникацискиот сообраќај, должни се да ја отстранат, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до ОТА;

  • Операторите имаат обврска да ѝ овозможат на ОТА, спроведување на мерките за следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење;

  • Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи;

  • Операторите треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со спроведување на мерките за следење на комуникациите;

  • Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат;

  • Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат

 

Новиот закон за следење на комуникациите и измените на Законот за електронски комуникации,  како што е предвидено, треба да стапат на сила најдоцна до ноември 2018 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи