Судот му одреди 30 дена притвор на Богдан Илиевски Бетмен, а на другиот водач на „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски му одреди куќен притвор, соопшти Основниот суд Скопје 1. Бетмен ќе му се придружи во истражниот затвор во Шутка на Игор Дурловски, другиот водач на неформалното здружение кое што беше инспиратор на протестите што доведоа до организираниот напад во Собранието на 27 април.
„Постапувајќи по предлог на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден беа спроведени 24 лица, за кои по нивно произнесување во однос на предлогот на обвинителството, донесени се решенија со кои на лицата : М.Ч., О.П., И.Д., М.П., О.Р., Г.А., В.Т., Д.Л., И.Ц., Б.И., Ј.Ч., И.С., и В.М. судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на: С.М., Г.Ѓ., М.П., Е.Д.Б., Б.Д., В.Ј, им определи мерка куќен притвор“, стои во соопштението на судот.
За пратениците, судијата на претходна постапка ќе одлучува откако ќе биде одлучено по барањето на судот за симнување на имунитетот испратено до Претседателот на Собранието.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор за сите 36 осомничени во истражната постапка за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.