Градот Пелагонија или кралството на Пелагонците е мистерија по која археолошката наука трага со векови наназад. Досега иако се знае за неговото постоење не се знае каде точно бил лоциран главниот град на Пелагонците ниту како тој народ потоа се изгубува од овие простори. Одговор на овие прашања се обидува да даде истражувачот и писател Тренчо Димитриоски кој на вечерашното предавање во градската библиотека во Прилеп истакна дека со голема сигурност центарот на градот Пелагонија се наоѓал кај н.м. Бонче и Подмол каде се наоѓа кралската гробница и врвот Висока каде пак се наоѓа неидентификуван комплекс на повеќе објекти.
„Добрите познавачи на археологијата се сложуваат дека порано под поимот Пелагонија се подразбирал многу поголем простор отколку што сега е Пелагонија. Сега Пелагонија е само по средниот тек на Црна река, но во постариот период под тој поим се подразбирала дури и целата територија на Македонија. Тоа всушност зборува дека откривајќи ги белезите и културата на Пелагонците ние всушност откриваме основа на една многу стара култура на која што се базираат сегашни заедници, држави или порано кралства. За мене цврста претпоставка е дека центарот на тоа кралство е најверојатно токму Бонче и Висока, Висока со монументалната градба и Бонче со кралската гробница, каде што и денес не е идентификуван покојникот кој бил во неа“, истакна Димитриоски.
Димитриоски вели дека пелагонците како ентитет се изгубиле за време на т.н. лажниот Филип кој започнал војна со Римјаните.
„Пелагонциите како народ не се изгубени можеби и ние носиме нешто од нив во нас. Но се изгубило како ентитет и идентитет според мене во времето на лажниот Филип кој се појавил во 151 година п.н.е. и крева востание за ослободување на Македонија претставувајќи се како син на Филип Шести кој бил син на Филип Втори. Тоа кај Римјаните предизвикува голем револт, креваат големи сили и во 146 година п.н.е. го згаснуваат востанието и тогаш мислам дека се губи тој ентитет“, додаде Димитриоски.
Инаку еден од главните докази за постоењето на градот е кралската гробница кај Бонче. Таа е е во форма на круг, направен од камења во неколку редови, има ходник или дромос кој пак води до главна погребна комора каде според претпоставките бил погребан некој од Пелагониските кралеви. Низ вековите сводот на главната погребна комора бил урнат и таа е подложна на голем број атмосферски влијанија. Кога врне дожд целата гробница наликува на еден огромен базен. Исто така во катастрофална состојба се наоѓа и ходникот и сводот на ходникот кој води до оваа главна погребна комора и постои опасност сводот во секој момент да се урне. Затоа е потрено да се пристапи кон итна конзервација и реставрација на овој значаен објект.
Димитриоски вечерва го отвори прашањето за Пелагонците од еден историско-митолошки аспект.
„Евидентно е од историските и археолошки податоци дека пелагонското кралство постоело во едно далечно минато и неопходно е да се поттикне и да се иницира негово враќање во сферата на науката и културата на човечката цивилизација, бидејќи според мене она што можам да го согледам е дека неговите корени може да се бараат во бронзеното време, па дури и порано. Пелагонија е преполна со култура. Од митолошкин аспект може да се насети дека Пелагонија како област, но и како заедница се граничи со она време на создавање и на геологијата, од геолошки аспект и создавање на културата од културен аспект на овој простор. Во епот на Хомер „Илијада“ се споменува Пелагон кој што всушност е епоним на повеќе племиња и етнички заедници, особено на Пајонците, особено на Страбон кој и сам се нарекувал Пелагонец“, потенцира Димитриоски.
Инаку Според археолошките истражувања и податоците кои што може да се извлечат од нив, градот Пелагонија се простирал на неколку десетици хектари. Долниот дел се наоѓал во близина на селото Бонче, а горниот дел на врвот Висока. Таму според истражувања може да се наоѓа некој вид на светилиште или резиденцијален објект. За да со сигурност се утврди дали на овие простори се наоѓал градот Пелагонија потребно е да се пронајде некој епиграфски споменик на кој ќе се наоѓа името Пелагонија.