Пратеникот Трајко Вељановски не беше уапсен во акцијата која МВР ја спроведе во утринските часови во вторникот, а во која беа приведени 24 осомничени за насилството што се случи на 27 април во Собранието, но сепак му бил одземен неговиот телефон.
Освен на Вељановски, телефонот му бил одземен и на пратеникот Весел Мемеди од Национална демократска преродба, која беше дел од коалицијата „Алијанса за Албанците“.
Од истрагата засега не соопштуваат детали, но се претпоставува дека нивните телефони содржат информации за одредени комуникации во критичниот ден, кои би можеле да помогнат во расветлувањето на одредени активности на 27-ми април. Засега не е јасно дали сомнежот е поврзан за нивна меѓусебна комуникација или за нивна комуникација со други лица.
На 27. април Вељаноски беше претседавач со Конститутивната седница на Собранието, која со денови беше блокирана со реплики, контрареплики и процедурални забелешки. Тој реагираше на приведувањата, и преку писмено соопштение се осврна на двајца административни службеници вработени во Собранието. Во писмено обраќање до јавноста тој рече дека овие две лица не направиле никаков криминал за време на насилствата.