Јованоски : Инспектори го испитуваат финансиското работење на Општина Прилеп, долгот моментално е околу 3,5 милиони евра

Во овој момент Општина Прилеп должи околу 3,5 милиони евра кон разни побарувачи. Детали за сето ова има во извештајот на Државниот завод за ревизија кои упатуваат на сомнежи на незаконско работење и ненаменско трошење на народните пари. Токму поради тоа инспектори од економски кримина од МВР по налог на јавен обвинител вршат контрола на финансиското работење на општината во изминатиов период. Ова денеска на прес конференција го изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

 

„Кога стапив на оваа функција ми беше презентирано дека во касата на Општина Прилеп се наоѓаат околу 5 милиони денари, а долгот спрема доверителите изнесува околу 25 милиони денари. На прв поглед ми изгледаше прилично добро, но за жал тоа не беше така. За неколку дена долговите се зголемија на 29 милиони денари, за по отприлика 2 недели тој долг достигна до 104 милиони денари. Ако кон ова се додаде и оној друг дел каде спаѓаат кредитите на Светска банка, едниот 40 милиони денари, другиот 20 милиони денари и лизингот за возилата околу 2,2 милиони денари, вкупниот долг на Општина Прилеп што треба да го исплати е околу 166 милиони денари. На ова треба да се додаде и ризичниот фактор на отуѓени побарувања што евентуално треба да ги исплати општината, а што се извесни. Тоа се на физички и правни лица. Околу 36 милиони денари и тоа без законска затезна камата и без судски трошоци. И сето тоа ако се земе во предвид долгот на Општина Прилеп во овој момент би бил околу 202 милиони денари или неполни 3,5 милиони евра“, истакна Јованоски.

 

Јованоски нагласи дека во општината има 95 вработени на неопределено работно време и 60 со договор на определено работно време, што значи вкупната бројка е околу 155 вработени.

 

„Ве уверувам дека сите овие обврски спрема доверителите ќе бидат подмирени и во иднина вработените нема да имаат проблем со земањето на плата. Најголеми побарувачи на средства од општината се фирми блиски до Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ, како што се „Новоградба“, „Електро точила“, „Пела транс“ и „Матадор“. Тоа се 4-те главни фирми со кои во изминативе години соработувала општината. Значи 104 милиони денари се средствата кои треба да бидат исплатени во текот на оваа и наредната година. А другите 60 милиони денари, кои се долгови кон Светска банка, едниот кој изнесува 40 милиони денари треба да се исплати до 2026 година и другиот е 20 милиони денари кој треба да се исплати до 2022 година“, додаде Јованоски.

 

Инаку годишниот буџет на Општина Прилеп е околу 18 милиони евра годишно .

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи