Медијатрот на ОН во спорот за името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц смета дека прашањето за идентитетот е важна тема за Македонија, а преговорите се водат за името на државата.
Тој ова го изјави во интервју за Euronews на грчки јазик. Нимиц потенцираше дека прашањата за кои што се преговара се поврзани со името на државата, а решавањето на тоа прашање не треба да влијае врз идентитетот на граѓаните. Медијаторот истакна дека верува во решение од кое ќе бидат задоволни и двете земји.
Прашањата за кои што се преговара се поврзани со името на државата. Името на државата, решавањето на ова прашање за името на државата, не треба да влијае на идентитетот на граѓаните. Јас верувам дека е можно решение кое ќе биде задоволително и за двете земји, вели Нимиц во интервјуто.
Нимиц кажа дека на двете земји им дал пет предлози, но не исклучува можност за другите страни да достават свои идеи. Во врска со шпекулациите за ГорнаМакедонија и НоваМакедонија тој истакна дека ги прочитал тие предлози во медумите и објасни дека разговорите во моментов се водат за прашањето за одредницата.
Според медијаторот, сега е соодветно време за решение, а во однос на најлошото сценарио, да не се постигне договор сега, вели дека „времето не е на наша страна“, затоа што за 2 години ситуацијата и во двете земји може да биде различна.
„Ситуациите се менуваат, владите се менуваат, не знаеме која ќе биде владата во Грција за две години. Не знаеме која ќе биде владата во Скопје, не знаеме каква ќе биде ситуацијата во регионот. Може да се случат различни настани што ќе ја отежнат ситуацијата, во иднина да ја направат посложена ситуацијата за да се најде решение“, објаснува медијаторот во интервјуто.
Во врска со одржувањето на референдум за прифаќање на решението од македонска страна, Нимиц истакна дека тоа е внатрешно прашање и дека не е работа на медијаторот да им кажува на државите како да функционираат Уставот и парламентот.