Стотици илјади Грци протестираа во Атина против употребата на терминот Македонија

Facebook
Twitter
Email
Print

Организаторите на големиот протест во Атина против терминот Македонија во сложеното име за нашата земја, токушто објавија дека на улиците во грчката метропола се собрале фантастични еден милион и петстотини илјади луѓе.

 

Тоа, доколку е точна бројката, би било 15 проценти од вкупната популација на Република Грција.

 

Други, пореалистични грчки извори сепак наведуваат дека на протестот во Атина има околу 300 илјади лица.

 

Сепак точната бројка колкава и да е таа ги надмина си очекувања.

 

 

Досега ниту еден протест за антикризните мерки што речиси сите влади ги гласаа во Грција, а носеа кратења на плати и пензии, ниту еден протест во рамки на генералните штрајкови, ниту еден собир за финансиските проблеми на земјата, од почетокот на кризата и воведувањето на меморандумите од 2010 до денес, не успеа да собере толку многу Грци, колку што денеска излегоа на протестот за Македонија.

 

Илјадници граѓани, од цела Грција, но и од Атина, семејства со мали деца, пензионери, друштва од млади момчиња и девојки, свештени лица, речиси сите со грчки знамиња во рацете.

 

Грчките знамиња се продаваат на секој чекор 1, 2 или 5 евра во зависност од големината.

 

Освен плоштадот Синтагма, сите централни улици се преполни со народ. Движењето меѓу народот е тешко, нешто што не било случај на другите протести во Атина во изминатите години.

 

 

Паролите што ги извикуваат се веќе познати, се слушнаа и на протестот во Солун, порачуваат дека Македонија е грчка, додека пак според аналитичарите и новинарите во Грција, протестот, добива и антивладин карактер.

 

„Ципрас и Каменос ја распродаваат Македонија, да се одржат сега избори“,  пишува на плакатот што го носат неколку млади Грци, додека пак „Македонија е грчка“ е најчестиот слоган на плакатите на Грците.

 

Грците рекоа дека се горди што денеска толку граѓани наместо на кафе или ручек излегле на улици за да го „одбранат името Македонија“.

 

 

Во центарот на Атина, меѓу граѓаните се и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, пратеници од опозициската Нова демократија, префектот на областа Централна Македонија, како и лидерот на партијата Сојуз на централисти.

 

 

Од говорницата се обрати и грчкиот композитор Микис Теодоракис кој изјави дека доколку владата прифати договор кој ќе го содржи терминот Македонија за тоа прво ќе треба да го праша грчкиот народ.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи