Игуменот Петар Драгојловиќ, од Српска Православна Црква, по повод на вчерашните протести во Атина, против употребата на терминот Македонија, им порача на Грците дека не се во право. На својот фејсбук профил игуменот Петар напиша:
„Македонија е Грчка, гласи слоганот на грчките протести во Атина?! Епа не е баш така браќа Грци. Со должна почит, мојот личен став е дека Македонија не е само грчка и дека македонското име не е во исклучителна сопственост на Грците. Егејска Македонија е Грчка, затоа што во неа денеска воглавно живеат Грци и припаѓа на грчката држава. Вардарска Македонија денеска е воглавно македонска и таа држава се нарекува Република Македонија. Никој нема право да го одзема името и јазикот на еден народ и на една држава. Во Република Македонија 80 отсто од населението се Македонци, и тие денеска не се ни Грци, ни Бугари ни Срби. Во оваа земја во мнозинство живее македонски народ. Како што во Пиринска Македонија мнозинството се Бугари. Од таму, Македонија е територија на која се наоѓаат три држави и многу народи кои живеат во тие три држави, али воглавно Грци, Македонци и Бугари. Мене како Србин и православен игумен кој живее во Србија, Македонците ми се драг и посебен народ, кои имаат своја држава, свое име, своја нација, свој јазик и своја историја. Исто така ги сакам и ги ценам Грците и Бугарите, но не поддржувам ничиј елитизам, било од поединци во секој народ, било од поголеми групи на некој народ. Ни српски, ни бугарски, ни грчки, ни македонски. А паролата „Македонија е Грчка“, му се допаѓало тоа некому или не, е елитистичка. Грците немаат право да си ја присвојуваат цела Македонија, немаат ниту единствен ексклузивитет на тоа име. А оној кој и малку знае историја, знае дека обичните антички Македонци, зборувале на различен јазик од тој на Грците, односно биле различен народ од Грците. Така да Грците не можат да ги присвојуваат сите античи Македонци, а не можат ни денешните Македонци денешната Република Македонија“, порача игуменот.