Вечерва во Прилеп Филип Петровски најави дека започнува со одржување на серија трибини низ Македонија чија цел ќе биде дискусија со граѓаните за сите актуелни прашања и за тоа што се случувало минатата година, како што била насилната промена на власта, отворањето на проблемот за името и двојазичноста. Тоа според Петровски се доволно сериозни политички теми за кои што граѓаните морале да имаат формирано став и да знаат како понатаму да делуваат.
„Се наоѓаме во најопасната фаза, да Македонија стане федерација, односно да се укине она што беше направено како држава во 1991 година, што е укинување на асномските тенденции да се формира држава на Македонскиот народ. И тоа некој свесно го прави и на тоа мора да се спротивставиме. Македонскиот народ треба да се спротивстави со сè што му е на располагање затоа што доколку не се спротивстави, ќе се предизвика неговата способност и капацитет да има држава и ќе му се одземе држава пред неговиот нос“, изјави Петровски.
Тој изјави дека останува член на ВМРО-ДПМНЕ, но не сакаше да даде конкретен одговор дали овие собири значат и почеток на формирање на фракција во партијата.
Во однос на на тоа дали треба да прекинат преговорите со Грција тој нагласи дека требало да се види што всушност се прави зад параваните и што се крие.
„Во Македонија сите политичари се занимаваат со тајна дипломатија. Јас сум противник на тоа. Македонските политичари треба да се занимаваат со јавна дипломатија. Тие се претставници на Македонскиот народ и имаат обврска до последна запирка да го информираат и да побараат мислење од тој народ. И не смеат да идат против македонските национални интереси. Не смеат да се договараат нешто што не е при здрав памет и здрава логига и не е прифатливо ни под разно за никој од нас што е тука“, додаде Петровски.