Владата на вчерашната седница донесе одлука да го продаде мерцедесот за чија набавка се водат судски процеси во кои се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
„Владата денеска донесе одлука да се изврши продажба на патничкото моторно возило Мерцедес Бенц С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии. Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk“ велат од Владата на Република Македонија.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, изјави дека и после продажбата на Мерцедесот, вреден 600.000 евра, високите делегации во Македонија ќе се спроведуваат и обезбедуваат како до сега.
„Мерцедесот е симбол на едно време кое сакаме да го оставиме зад нас, симбол е на нерационалното трошење на парите на граѓаните. Високите гости во Македонија ќе се обезбедуваат како до сега со највисоки безбедносни стандарди. Нема да има никаква разлика“, рече тој.
Ќе биде интересно да се види и кој ќе биде купувачот кој ќе понуди почетна цена на јавна аукција од 230.000 евра и до каде ќе стигне цената ако има други заинтересирани купувачи и дали воопшто таа личност ќе го користи блиндираниот мерцедес на македонските улици.