Достоинството и идентитетот се многу важни во преговорите со Грција, истакна меѓу другото премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на Неготино.
Тој вели дека на средбата во Виена всушност почнал преговарачкиот процес, а сè досега било презентирање на позициите на двете страни. Но за деталите останува да информира Министерството за надворешни работи.
„Не очекувавме ние премногу, пред сè има образложување на суштините на позициите на двете страни, со обид за меѓусебно разбирање. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае работите што може и што не може да поминат. Мене ми е драго што се разглобени сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции коишто беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четири, значи три се отклонети“, рече премиерот Заев.
Тој останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки, а доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.