Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и неговата сопруга, Виолета Јованоска во знак на поддршка на традицијата на носење маски на овие простори и промоција на карневалот „Прочка 2018“, синоќа на забавата под маски која се организираше во хотелот „Липа“ беа маскирани во Минато Намиказе, градоначалникот број 4, од популарниот јапонски цртан филм „Наруто“, којшто плете приказна во која единствен победник е иднината, асопругата Јованоска ја носеше маската на Кушина Узумаки, сопругата на градоначалникот Намиказе.
„Нас нè инспирираше познатиот јапонски цртан филм „Наруто“. Нашите маски се Минато Намиказе и Кушина Узумаки, поточно родителите на Наруто. Ова се ликови кои ги карактеризира една огромна борбеност, пожртвуваност, взаемна љубов, посветеност… сè со цел да се обезбеди иднината и да се спаси животот и доброто кај луѓето“, изјави Јованоска.
Од семејството Јованоски истакнаа дека нивната цел била со со оваа маска да испратат порака, дека доброто треба да владее со светот, дека секој влог во сегашноста, впрочем е влог во иднината.
„Со доделувањето на наградите на најдобрите маски по категории, заокружуваме едно успешно издание на ‘Прочка2018’, што ќе остане запаметено по голем број гости и извонредни маски“, порача градоначалникот Јованоски.