ВИДЕО – Здружението „Преродба“ од Прилеп го одбележа Тримир

Со дружење, забава и позната посна тримирска трпеза Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп, попладнево во нивните простории во старата општинска зграда го одбележа Тримир. Според православната традиција, на почетокот на велигденските пости, христијаните кои држат Тримир ниту јадат, ниту пијат од понеделник до среда, во средата одат на литургија се причестуваат, а потоа за прв пат после три дена конзумираат храна. Писана Ангелеска, член на здружение „Преродба“ исто како и лани, така и годинава држи Тримир, односно ништо не јаде и не пие три дена.

 

 

„Тримирот го држеле нашите предци и јас за прв пат лани пробав, не е тешко да се издржи. Според старите Тримирот се држи за здравје за целата фамилија. Ако не ти помогне Бог навистина нема да можеш да издржиш. Старите велат дека ако не можеш да издржиш не почнувај, бидејќи мора да издржиш до крај. Три дена не се јаде и не се пие ништо. Исто така на Тримир младите невести, армасаните, се канат кај мајките дома на ручек за да бидат благословени од мајките, да имаат добар брачен живот, да имаат дечиња, да имаат поголеми фамилии и слично“, рече Писана Ангелеска, член на здружение „Преродба“.

 

Членките на здружението „Преродба“ истакнаа дека Тримир според традицијата во Прилеп бил празник на верените девојки и утре се одело кај нивните мајки на гости.

 

„Собраните сме за празникот Тримир или како што го викаат женски празник. Ние со векови го славиме во Прилеп. Се надеваме дека и нашите идни поколенија ќе продолжат да го одбележуваат овој ден. Навистина Тримир е празник кој ја манифестира љубовта, бидејќи ова е празник на верените девојки или младите невести. Се оди кај мајките на невестите, се носат поклони, се пејат песни, а порано и се работеше, се везеше и се плетеше. Сега ние не работиме на овој ден туку се дружиме и си пееме песни“, истакна Лилјана Ѓорѓиеска, претседател на здружение „Преродба“.

 

Освен дружбата за Тримир прилепчанки подготвуваат специјална посна трпеза, со посни специјалитети, како грав, посна сарма, зелник, погача, благо, боза и познатиот прилепски специјалитет пченица со конопни зрна.

 

Познатиот прилепски специјалитет – „Пченица со конопни зрна“ 

 

„Утре кај нашата членка која држи Тримир се канат гости, се оди со поклони и се носат посни специјалитети. Денеска ние подготвивме повеќе посни традиционални специјалитети како грав, посна сарма, зелник, кравајче, погача, благо, овошје, боза и познатиот прилепски специјалитет пченица со конопни зрна. Бозата се носи кај жени кои имаат бебиња за да добијат млеко. Пченицат пак се вари, а од вечер се киснат и конопните зрна. Другиот ден се мели пченицата и конопните зрна. Се става топла вода во зрната, се исцедува течноста за да биде бела и после тоа заедно се мешаат пченицата и конопните зрна и тоа е бренд на прилепскиот Тримир“, истакна Марија Михајлоска,  член на здружение „Преродба“.

 

Забавата членките на „Преродба“ ја продолжија со песни, а каква беше атмосферата може да погледнете во видеото.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи