Македонија со втора највисока смртност на новороденчиња во Европа: Од 120 новороденчиња, едно умира

Facebook
Twitter
Email
Print

Стапката на смртност кај новороденчињата во Македонија се зголемува, алармира Уницеф во новиот извештај кој е дел од кампањата „За секое дете, живот”. Во Европа, полошо од Македонија котира единствено Молдавија.

 

Од Уницеф оценуваат дека високата смртност е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјите.

 

Од 120 родени бебиња во Македонија, едно умира. Земјава е на 105-то место по смртност на новороденчиња од 184 земји во светот. Според стапката на смртност, Македонија е во друштво со Гренада, Маврициус, Колумбија и Фиџи.

 

Над 80 насто од смртните случаи се должат на предвремено породување, компликации за време на породувањето или инфекции како што се пневмонија и сепса, покажува истражувањето.

 

Од Министерството за здравство информираат дека веќе се работи на ревидирање на упатството базирано на докази за постапување при постпородилно крварење, подготвени се упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, а се ревидирани и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња. Во однос на долгорочните мерки, се работи на обезбедување животоспасувачки лекови за мајките и новороденчињата кои ќе бидат достапни во сите родилишта.

 

Од земјите во регионот, висока стапка на смртност има во Турција- 6,5; Албанија- 6,2; а подолу на листата е и Босна и Херцеговина со просек од 4,7.

 

Според резултатите на УНИЦЕФ, бебињата родени во Јапонија, Исланд и Сингапур имаат најдобри шанси за преживување, за разлика од новороденчињата во Пакистан, Централноафриканската Република и Авганистан. Во сиромашните земји, просечната стапка на смртност кај новороденчињата изнесува 27 смртни случаи на 1.000 деца, а во богатите таа стапка е 3 смртни случаи на 1.000.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи