Петмина поранешни членови на Државната изборна комисија ќе добијат апанажа, одлучи собраниската Комисија за избори и именувања.
Апанажа во траење од една година ќе добијат поранешниот претседател на ДИК, Александар Чичаковски, како и членовите од редовите на СДСМ – Виолета Дума и Игор Милев, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Субхи Јакупи од ДУИ. Тоа значи дека уште една година ќе добиваат државни плати од над илјада евра.
Ваквата одлука, денеска, ја донесе собраниската Комисија за избори и именувања, веројатно протната под точката „Разно“, бидејќи како таква не постои на дневен ред во „Дневниот информатор“ на Собранието.
Другите тројца поранешни членови на ДИК, Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Сашо Срцев не побарале апанажа. Тие се враќааат на претходните работни места.
Членовите на ДИК поднесоа оставки по обелоденувањето на скандалот со делење високи бонуси на изборите.