Со посета градот Штип, градот под (тврдината) Исарот или антички Астибо, денеска Здружението на лиценцирани туристички водичи на Република Македонија го одбележа 21-ви февруари – Меѓународниот ден на туристичките водичи.
Учесниците-водичи и претседателот на Здружението, г-дин Бранко Босилков, ги посетија градските знаменитости, како и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, при што се посетија археолошката, етнолошката и историската колекција на фотографии и предмети од Музејот на градот Штип.
Лиценцираниот туристички водич од Прилеп, Милан Велески, кој денеска учествуваше на ова одбележување, истакна дека за време на извонредната презентација на изложеното културно-историското богатство на Штип од страна на музејските кустоси, водичите добиле нови познавања и информации што ќе ги искористат при презентацијата на овој град и неговата околина на странските и домашните туристи во следниот нивни ангажман.
„Покрај позитивните аспекти на посетата, водичите ја увидоа потребата за подобрување на музејските услови за складирање и изложување на културно-историските добра, како и за туристичкото осовременување и обогатување на културните производи. Имено, се утврди недостатокот од туристички материјали за дисеминација на потенцијалните туристи, недостасуваа означувања и описи на странски јазик (англиски), како и фактот што некои од објектите и патеките до нив (како Хусамедин-пашината џамија) треба итно да се реконструираат и прилагодат за туристичка посета“, истакна Велески.
По завршувањето на посетата на културно-историските места и Музејот на градот, учесниците-водичи ја искористија можноста да ја вкусат Штипската пастрмалија, прочуениот вкусен специјалитет на штипската гастрономија.