Силна поддршка од Германија за стратешките определби на Македонија за влез во ЕУ и НАТО доби македонскиот премиер Зоран Заев на денешната средба во Берлин со германската канцеларка Ангела Меркел.
„Добивме силна поддршка од германската страна за нашите стратешки определби, влез во ЕУ и НАТО. Нам ни останува да продолжиме со реформите и со решавање на спорот со Грција. Тоа се тешки прашања, но ние ќе најдеме решение, во кое ќе ги вклучиме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе се прашаат и граѓаните“, рече Заев.
Додаде дека на средбата е оценето оти Република Македонија 2017 година ја завршила како исклучително успешна приказна.
„Успеавме да покренеме процеси за решавање на долгогодишните недоразбирања со нашите соседи“, рече Заев, алудирајќи на Договорот со добрососедство со Бугарија и обновените преговори со Грција.
Македонската Влата, истакна Заев, е решена да ги решава проблемите со соседите и да развива регионална соработка.
Тој ја покани канцеларката Меркел во текот на годинава да ја посети Македонија.
Германската канцеларка е оптимист дека во спорот за името меѓу Македонија и Грција доаѓа до ново придвижување. Германија ќе помогне ако може и ќе ги охрабри партнерите, рече Меркел.
„Македонија е поблиску од било кога во изминатата деценија да го реши долгогодишниот спор околу своето име со Грција, кој ги кочи амбициите на Скопје да им се придружи на НАТО и на ЕУ“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин.
Според Меркел проблемот со името со Грција треба да биде решен без притисоци, бидејќи и двете страни имаат интерес од решавање на истиот.
„Јавните изјави можат да штетат на процесот. Компромисите се болни, но тие мора да се реализираат. Тоа подразбира висока дипломатска уметност и не треба да се зборува на прес-конференции, туку зад затворени врати“, рече канцеларката Меркел.
Европската перспектива за земјите од Западен Балкан е она што ние секогаш го поддржувавме, изјави Меркел, дополнувајќи дека конфликти во регионот има доволно, а еден помалку ќе значи многу. За најавениот можен датум за завршување на преговорите на шесте земји од Западен Балкан за влез во ЕУ, германската канцеларка рече дека Европа ја интересира само брзината на исполнувањето на поставените услови, не бројки кога тие ќе се исполнат.