По налог на градежниот инспекторат на општина Центар доцна во ноќта споменикот на Андон Ќосето беше отстранет од пред Врховниот суд во центарот на Скопје. Општинските служби констатирале дека станува збор за дивоградба.
Градоначалникот Шилегов, на конференцијата за новинарите изјави дека споменикот е незаконски поставен и затоа ќе превземат и слични дејствија, не наведувајќи кои. Шилегов рече дека екипи на Градот Скопје за да не предизвикаат застој во одвивањето на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници кај Врховниот суд, рано изутрината го отстраниле бесправно поставениот споменик.
На местото каде се наоѓаше споменикот на Ќосето, Градот Скопје ќе насади дрво на човекови права, а ќе биде поставена изгравирана плочка која ќе ја добијат од збратимениот град Нирнберг, на која ќе биде напишан членот 10 од Универзалната декларација за човекови права на ОН.
„Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“, е пораката која ќе стои на дрвото.
Споменикот на Ќосето беше подигнат пред речиси четири години, како дел од проектот „Скопје 2014“.