Вечерва во галеријата на домот за култура Марко Цепенков се одржа изложба на која свои дела претставија 30 прилепски автори. Идејата на изложбата била да се доближат прилепските автори повторно до публиката во Прилеп, затоа што некои од нив одамна немале изложувано во галериите во Марко Цепенков. Според претседателката на друштвото на ликовни уметници од Прилеп Јасмина Руневска, вечерва се собрале сите уметници од друштвото и се надева дека во иднина тие ќе бидат многу поактивни и дека ќе имаат повеќе изложби, активности, предавања, работилници и слично.
„Изложбата се случи сосема спонтано, баш ми е мило што има толку одзив и на уметници и на публика, затоа што настојувавме да се вратат и уметниците и публиката во галериите и да се запознае публиката со ликовната уметност, особено од прилепските автори. Понатаму исто така спремаме уште повеќе изложби и од друштвото на ликовни уметници Прилеп и ги поканувам сите заинтересирани за уметноста во РМ, почесто да ја посетуваат галеријата во Мако Цепенков. Искрено не бев долго време во Македонија, кога се вратив ситуацијата беше таква каква што беше. Беше тажно да се видат отворањето на изложби и празните галерии. Публиката е таа што всушност го прави уметничкото дело да биде вистинска уметност, бидејќи ако работиме авторите по дома и не ги изложуваме делата, или ги изложуваме и не се посетени, нема голем фидбек од тоа. Публиката може да се врати со повеќе квалитетни дела. Јас верувам ако имаат авторите што да и покажат на публиката, публиката и тоа како ќе сакаат да дојдат и да ги прочитаат пораките од визуелните уметници“, истакна Руневска.
Изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, која потенцираше дека постоеле повеќе начини публиката да се врати во галериите како што биле поголема едукација, предавања на различни теми и слично, се со цел да се развие свеста и да започне да се враќа самиот одблесок на уметноста.
„Вечерва е наменета за прилепските уметници, односно целта на оваа изложба е пред се да се возобнови духот на уметноста во Прилеп, а со тоа и нашите помлади и постари уметници да ги изложат своите дела. Сметам дека постојат голем број на уметници кои што творат, меѓутоа од одредени причини за жал кај нас уметноста е прилично потценета. Жалосно е тоа што нема голема посетеност. Сепак сметам дека претставува дел од културата која што треба да се цени и промовира и сметам дека треба многу поголема посетеност и одзив на самите луѓе“, истакна Димеска.
Уметникот Александар Џинго вели дека е комплицирано да се каже кој е проблемот за непосетеност на изложбите.
„И јас самиот сум во дилема, дали тоа зависи од уметниците или зависи од заинтересираноста на публиката. Или пак е некакво општествено прашање, можеби недоволно интерес заради економската положба. Но во секој случај, уметноста е толку многу потребна, за секое живо суштество, за секое битие, бидејќи секое битие само по себе има потреба и пори за нешто што е надвор од пари, храна, било какви нормални и секојдневни потреби. Нешто да се види што е буквално естетика на овој свет. Таа естетика ја пренесуваат уметниците преку своите дела, преку отворањето на изложбите, на изложбите кои траат, на поставките кои стојат цело време во некои галерии, така да стварно ги поканувам сите, целата публика навистина да дојдат и да видат што всушност уметниците нудат од нивната естетика, што имаат да понудат на публиката, на народот“, вели Џинго.
Од друштвото на ликовни уметници од Прилеп ветија дека во иднина ќе имаат многу повеќе активностии ии изложбии со цел повторно доближување на уметноста до граѓаните.