Четиринаесет години од смртта на претседателот Трајковски

Facebook
Twitter
Email
Print

Во Македонија денеска ќе бидат одбележани 14 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

 

Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.

 

Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.

 

За несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.

 

И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

 

На барање на Македонија, со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.

 

Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.

 

Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ.

 

Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.

 

Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи