Советникот во Општина Прилеп Сами Ајдини, кој што доаѓа од партијата Сојуз на Роми за Инфо Компас изјави дека повеќе не е дел од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе делувал самостојно. Ајдини и претходно не присуствуваше на седниците на Советот кога ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги бојкотираа поради притворените за настаните кои се случија на 27 април.
Очигледниот раскол се виде вчера кога Ајдини на 9-тата седница за точките за кои се разгледуваше цената на водата прво гласаше воздржан, а потоа на 10-тата итна седница која се одржа веднаш после 9-тата тој гласаше ЗА исто како и мнозинството предводено од СДСМ.
Поради оваа одлука советниците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Ајдини бил повикан во кабинетот на градоначалникот Јованоски и таму му било кажано како да гласа.
„Ниту сум бил повикан кај градоначалникот, ниту некој ми кажал како да гласам, јас гласам по мое убедување. Извесен временски период не сум дел од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, делувам самостојно. За ова имам поднесено и барање до правната служба до Советот на Општина Прилеп. Вчера на седниците ја сменив одлуката бидејќи на втората седница, односно 10-тата, се убедив дека социјалните категории на Роми нема да бидат тужени поради своите долгови кои ги имаат кон ЈКП „Водовод и канализација“ и сметам дека нема да поскапи водата“, изјави за Инфо Компас, советникот Сами Ајдини.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески изјави дека сега Ајдини требало да им објасни на своите сограѓани Роми како за 20 минути ја сменил својата одлука од воздржан да гласа ЗА, за повисоки сметки за вода, кои Ромите и сите граѓани на Општина Прилеп ќе ги добиваат од идниот месец.
„Подолг период немаме контакт со Ајдини, не доаѓа на кординациите на нашата советничка група и впрочем и самите бевте сведоци како врз него вчера беше извршен притисок и за само 20 минути ја смени својата одлука. Како ќе гласа и делува понатаму ќе зависи од него“, истакна Петар Ристески, координатор на советничка група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.