Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува во наредните денови да се најде решение за над 35-те илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Целта, како што наведе, е да се избегне блокада на Собранието. Процедурално, како што кажа, тој нема да дозволи да се случи блокада во Законодавниот дом.
„Јас можам да расправам и цела ноќ, но дали можат и другите пратеници, тоа не е решение. Се комуницира со сите партии, јас комуницирам со ВМРО-ДПМНЕ, кои се подносители на амандманите и верувам дека во наредните денови ќе има решение. Законот за јазиците беше тема на разговор и со тројцата европратеници што беа тука и нивниот став е дека не треба да се дозволи блокада на Собранието. Не е само да се отвори темата и до бескрај да се разговара“, рече Џафери на брифинг со новинарите.
Двата закона со кои се предвидува намалување на надоместокот за патните трошоци ќе почекаат откочување на законот за јазиците бидејќи се на истата седница.
Собранискиот спикер Џафери очекува и опозицијата што побргу да се врати во Собранието, а во следните денови се очекува и договор по законите за кои е потребно двотретинско мнозинство во работните групи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.