Во иднина склучувањето на бракови во Крушево ќе се одвива во „Влашката одаја“ која се наоѓа во состав на градскиот пазар во овој град. Од Општина Крушево информираат дека просторот е веќе подготвен и дека тој го очекува првиот брачен пар од овој град.
„Со овој чекор одново ќе ја ставиме во употреба оваа традиционално опремена просторија, но и младоженците ќе можат да го забележат нивниот убав момент на склучување брак во една пријатна просторија која зборува за традицијата и историјата на Крушево. Вака ги чуваме нашите вредности, а на идните младоженци им овозможуваме пријатна атмосфера при склучувањето брак“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Инаку „Влашката одаја“ беше отворена во 2016 година, на 23 мај, Денот на Власите, со средства од Советот на Европа и Општина Крушево и таа ја симболизира влашката култура и традиција. „Влашката одаја“ беше замислена да профункционира како еден од многубројните музеи во Крушево, но по отворањето за жал ја немаше својата намена за која првично беше замислена.
Од Општина Крушево додаваат дека оваа просторија е одраз на секојдневниот живот на Власите, како начин на живот прифатен од сите граѓани на Крушево без разлика на нивните националности.