ВИДЕО – За 500 % поскапе закупнината на тезгите во Прилеп, за 100 % повеќе ќе плаќаат и оние кои продаваат од камион

По покачувањето на цената на сметката за вода Советот денеска изгласа нови давачки за прилепчани. Пазарџиите кои имаат тезги на дисперзирани пазари, како оние во Марино мало, Точила и кај театарот од денес наместо по 500 денари ќе плаќаат по 3.000 денари месечно.

 

 

„Досега цената била 500 денари, а денеска советниците од мнозинството од владеачката партија донесоа одлука да бидат покачени за фантастични 500%. Од денес оние локални земјоделци кои остваруваат егзистенција на овие дисперзирани пазари ќе треба да плаќаат за 2.500 денари поскапи услуги како месечен надомест. Ќе напоменам од 500, колку што се плаќало досега, на 3.000 денари. Се надевам дека градоначалникот, кој не беше денес присутен на седницата на Советот, ќе излезе и јавно ќе ја образложи и објасни на граѓаните оваа нивна одлука. Бидејќи доколку имале ваква стратегија и план требаше пред изборите да им кажат за овие планови на граѓаните дека планираат поскапување на овие услуги за фантастични 500%“, истакна Петар Ристески, координатор на на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поскапи цени ќе плаќаат и оние земјоделци кои продаваат од камион. Досега плаќале 5.000 денари месечно, а сега ќе плаќаат 7.000, однсно 10.000 денари.

 

„Исто така се покачени и услугите за продажба на земјоделски производи од камион. Досега немало категоризација, денеска се воведоа прва и втора категорија. Досега се плаќало 5.000 денари за камион. Втора категорија се донесе одлука да плаќа 7.000 денари, што е за 50% зголемување на постоечката цена,  и за прва категорија 10.000 денари што е за 100% зголемување од постоечката цена. Почитувани сограѓани, со ваквите одлуки се стимулира сивата економија, но и ќе направи уште поголем проблем во редот и хигиената во градот. Сведоци сме во изминатите години со доста возила, камиони кои продаваат земјоделски производи на различни места и улици низ градот. Со оваа одлука за зголемување на овие цени сега тоа ќе биде уште повеќе и навистина не сакам да верувам, но ќе се создаде уште поголем хаос. И потенцирам доколку градоначалникот и советниците имале ваква намера да ги зголемуваат цените на услугите на јавните претпријатија, требаше јавно да излезат и тоа да го кажат пред изборите, па после да видевме дали граѓаните ќе гласаа за поевтини цени, или за повисоки како што е сега, а не да се ставаат сега ад хок. Истото се случи и со ветувањето за 20% пониски сметки за вода, овој месец видовме со факти, секој граѓанин може да си провери на својата сметка дали плаќа пониска цена за вода од 20%, или сметката за вода му е зголемена“, додаде Ристески.

 

Претседателот на Советот Миле Талески се правдаше дека цените морало да се покачат бидејќи ЈКП „Пазари“ го изгубило мчечниот пазар, па сега кубурело со средства.

 

„Значи имаше дискусија во однос на цената на услугите кои што ги дава јавното претпријатие Пазари. Тоа е наследена ситуација, каде што знаете јавното комунално претпријатие „Пазари“ кубури со средства. Тоа е во делот на некои работи, што претходното раководство на ова јавно претпријатие, со оглед на некои одлуки кои што се донесени, му ги остранило објектите како млечниот пазар, од каде јавното претпријатие добивало сретства, со цел да биди ликвидно. Има мала корекција на цените на услугите во делот на камионите, кои што се на подрачјето на периферниот дел на градот, со цел да ги насочиме граѓаните и да ставиме регулација во делот на менаџирањето со пазарите. Знаете дека узурпирани се јавните површини во градот од овие лица, кои идат во одреден временски период во годината,отежнат е и сообраќајот во тој дел. Сакаме да ги насочиме во едно градско подрачје, каде ќе биде изграден еден времен пазар за овие превозни средства, со цел да ги заштитиме граѓаните од нивната узурпација на просторот каде ги продаваат нивните производи“, истакна Талески.

 

Какви реакции ќе има оваа одлука кај земјоделците останува да покаже времето.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien