Филипче: Со аванс од ФЗОМ ќе се одблокира сметката на Клиниката за гинекологија

Facebook
Twitter
Email
Print

Фондот за здравствено осигурување ќе ѝ даде аванс на Клиниката за гинекологија со цел да се одблокира сметката на клиниката, која веќе неколку дена е блокирана, истакна Министерот за здравство Венко Филипче. Министерот утринава имал состанок со директорот на ФЗОМ и донеле одлука авансот да биде во висина колкава што е сумата за блокираната сметка.

 

„Ќе се обезбеди дополнителна сума во форма на аванс. Таа ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија во текот на денешниот ден или евентуално поради близината на празниците, во текот на наредната недела во вторник. Проблемот е решен и сметката ќе биде ослободена за нормално функционирање на Клиниката“, рече министерот Филипче.

 

Сметката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство неколку дена беше блокрана поради достасани барања за исплата на извршни судски решенија, кога по тужби на родители на бебиња кои во 2008 година ослепеле при престој во инкубатори на интензивна нега на Клиниката, од сметката на Гинекологија беа симнати со извршни решенија 29 милиони денари.

 

Филипче не очекува наскоро да дојде до ново блокирање на сметката на клиниката, иако има уште постапки кои се водат за истата проблематика заради која сметката на Гинекологија беше блокирана.

 

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Д-р Викторија Јовановска, објаснува дека за случаите со ретинопатија од 2008 година, кога државата немала скрининг програма за ретинопатија кај недоносени бебиња, има вкупно 12 тужби против Клиниката.

 

„За уште четири случаи постапката е во процедура, односно течат некои жалбени постапки и можно е и тие многу скоро да дојдат за наплата. За другите случаи до каде се постапките не знам, за дел од нив и во претходните години имало некаква исплата“, вели д-р Јовановска.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи