Основниот суд Куманово денеска на првообвинетиот Бобан Илиќ во „случајот Алмир“ му одреди казна затвор од шест години за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а на казни затвор од 6 до 9 месеци таткото, чичкото и бартучедот на прегазениот Алмир, за насилство.
Пресудата ја соопшти судијката Маја Денковска, која објави дека советот ги имал во вид и отежителните и олеснителни околности и оценил дека санкцијата која му е изречена на Бобан Илиќ одговара на утврдената вина.
Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен со автомобил на 25 јуни 2016 година по банална расправија за ред во Здравствениот дом во Куманово, која прераснала во физичка пресметка меѓу таткото на детето и Бобан Илиќ. Во обид да избега, Илиќ со својот автомобил го згази детето.
Во минатиот месец беа организирани и протести против преквалификацијата на делото во случајот. Илиќ прво беше обвинет за убиство, но обвинението потоа беше променето во тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот.