Во Прилеп со повеќе обичаи привршуваат подготовките за Велигден

Прилепчани ги привршуваат подготовките за Велигден. Денеска на Велипеток, верниците ги посетуваат правосланите храмови, палат свеќи и одат на целивање и на причест. Воедно, според традициите кои се одржуваат, денеска треба да се купи нешто ново за децата, но и некој земјен сад за домот.

 

Прилепчани, на традиционалниот велигденски панаѓур кај најпознатата прилепска црква „Свето Благовештение“ или, Стара црква, денеска ги израдуваа најмладите да им купат нешто ново. Велат, радоста и среќата на децата им е најбитна.

 

Привршуваат и подготовките за празничната, велигденска трпеза, кога в недела, на празникот, крај трпезата ќе се собере семејството. Граѓаните констатираат дека и овој пат цените на зелениот пазар се повисоки. Во прилепските месарници денеска беше речиси невозможно да се најде јагнешко месо. Објаснувањето е дека количествата ги потрошиле, а за нови не знаат дали ќе стигнат. Во овој период нема доволно јагниња – или се премногу мали или веќе ја имаат преминато тежината. Инаку, малопродажната цена се движи од 320 до 340 денари за килограм.

 

Според Александар Цветкоски, етнолог од Прилепскито музеј, многу придружни народни обичаи, покрај црковните, се негуваат во прилепско и останале од дамнешни времиња.

 

„Обичаите се многу жилави и опстојуваат и во денешните модерни времиња. Според нив, денеска на Велипеток, ако дополнително се вапцуваат јајца, тие треба да бидат жолти или шарени. Освен тоа, се купува нешто ново, особено за децата. А интересно е дека треба да се купат жолти чевли. Обичаите за Велигден, особено околу чистењето на домот се поврзуваат со пролетното чистење, но и со исчистување на домот од лошото. Ова време е всушност почетокот на пролетта, или попрецизно, последните денови од означувањето на пролета. Купувањето земјени садови се поврзува со земјата, плодноста, со бериќетот. Традицијата е многу жилава и останува вкоренета во обичаите и ден-денес. Во Прилепско дури има враќање на многу старите обичаи, своевиден „римејк“. Луѓето се чувствуваат сигурни со традиционалните вредности, сообено во кризните времиња“, вели етнологот Цветкоски.

 

Според обичаите за Велигден во Прилепско, децата, облечени во ново, в недела на Велигден, со еден од родителите, најчесто таткото или дедото, одат во посета на роднините и пријателите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи