Збратимување на Општина Прилеп со Општина Источно Сараево и воспоставување на економска, трговска, културна и туристичка соработка меѓу двете општини. Ова е исходот од денешната средба на амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, што се одржа во неговиот кабинет.
„Денеска во посета на нашиот град е амбасадорката на Босна и Херцеговина Лепа Бабиќ. Разговаравме за културните настани што нè поврзуваат како два сродни народа. Разговаравме и за збратимување на Општина Прилеп со Источно Сараево. Со задоволство ја прифативме таа понуда и мило ми е што ќе започнеме заедничка соработка со источниот дел од Сараево. Нашата соработка ќе продолжи и на економски план“, најави градоначалникот Јованоски.
„Немам што особено да додадам од она што го кажа градоначалникот. Но, нешто што сакам да истакнам е дека јас не сум прв пат во Прилеп и се чуствувам исто како дома. Ја започнавме приказната со Прилеп и еден од градовите во Босна и Херцеговина, поточно со Источно Сараево. Мило ми е што граѓаните од двата града ќе соработуваат на повеќе основи, а нашата соработка ќе ја збогатиме и на економски план“, потврди амбасадорката Бабиќ.
На денешната средба се разговараше и за тековни проекти и активности на Општината.