Ременски: Скоро сите закони се усогласени со опозицијата и поддржани од истата

Потпретсeдaтелката на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременски, е задоволна од опозицијата и поддршката за изгласувањето на законите за кои било потребно двотретинско мнозинство.

 

„Добро е што опозицијата се врати во Собранието и ги поддржа реформските закони со двотретинско мнозинство. Македонија тргна напред. Само со инклузивност, конструктивност и искрен пристап на сите политички субјекти можеме да напредуваме како Македонија, современа европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани“, рече Ременски.

 

Со двотретинско мнозинство донесени се законите за заштитени сведоци, за оперативно техничка агенција и за следење на комуникациите, кои се во пакетот реформски закони предложени од Владата и кои се неопходни за унапредување на демократските процеси во Македонија, а се важни и за евроатлантскиот пат на земјата.

 

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекуваат пакетот закони во делот на судството заради техничко усогласување идната недела да се донесат во истата форма и формат како што беа донесени законите вчера.

 

„Останати закони кои исто така можеме да ги вброиме во реформски закони во делот на правосудството се законите за јавното обвинителство и за кривичната постапка што значат усогласување со законот за внатрешни работи и законот за полиција каде неодамна воведовме надворешен механизам за контрола на работата на полицијата особено во делот на сторените кривични дела од службени лица во МВР и од Агенцијата за разузнавање и можностите кои ги има народниот правобранител. За тоа немаме разногласија меѓу политичките партии“, рече Ременски.

 

Околу најавите за проширување на парламентарното мнозинство, пратеничката Ременски вели дека е убедена во негово зголемување до крајот на април. Таа додаде дека прашањето за проширувањето на мнозинството СДСМ не го гледа само од аспект на парламентарно мнозинство, туку и како добивање  поддршка за донесување закони.

 

„Нашата намера да се усвојат законите со пошироко мнозинство се потврди дека е возможна. Ги донесовме законите кои се важни за евро-атлантскиот пат, а особено важни поради злоупотребата на системите за прислушкување. Законот за заштита на сведоци кој го бараше СЈО сега ќе ги подобри истрагите на ова обвинителство. Другите закони му даваат поголема надлежност на Собранието за увид во работата на овие служби“, вели Ременски потенцирајќи дека континуирано ги следеле забелешките на Прибе.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien