Со Божествена литургија со која чиноначалствуваа Митрополитот Преспанско-Пелагониски Г. Петар и Еписпокот Хераклејски Климент денеска во манастирот Свети Архангел Михаил во најстарата населба Варош се одбележа празникот Источен Петок – Балаклија или кај народот познат и како Голем Петок. Илјадници луѓе Прилеп и околните градови доаѓаат на овој ден тука да се помолат во маанастирот и да се напијат и измијат од водата, чииј извор се наоѓа во манастирскиот двор и за која се верува дека е лековита.
„Доаѓаме секоја година, го посетуваме местото затоа што таква е традицијата. На овој ден сите се збираат и палиме свеќи за здравје, се помолуваме на Бога и од таму слегуваме долу и ако имаме свои луѓе во Варош ги посетуваме, им ја честитаме славата и денот. Само се напиваме и миеме со цел да не носиме дома, бидејќи можеме редовно кога сакаме да дојдиме, бидејќи сме блиску во Прилеп“, вели една посетителка.
„Тоа ни е како традиција, по Велигден доаѓа Голем петок и тука се собираме сите, палиме среќа за здравје, вода полниме за здравје и така ни е како традиција. Викаат дека е лековита, можеби е, не можам да потврдам, но сигурно има некоја вистина тука“, кажа друга посетителка.
„Доаѓаме и претходно, затоа што е манастир и тука доаѓаат многу луѓе, па така и ние. Влегуваме во црквата, ги слушаме молитвите од попот“, вели една прилепчанка.
„30 години доаѓам, мора да дојдам. За здравје, Господ да дава здравје на сите, прво на младите, па на старите“, нагласува еден стар прилепчанец.
Според православната црква овој празник се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој кога му дал вода од изворот и го намачкал со калта на очите тој прогледал. Од тој ден изворот се нарекува Животодавен Извор.
„Овој празник овде се празнува не само во Прилеп, туку и на други места каде што има свети води, зашто тоа потсетува на чудото што се случило во Балаклија, уште еден назив што го носи овој петок и овој празник, кога по молитвите на еден човек кој бил слеп и барал вода и му било кажано да влезе повнатре во шумата каде што имало некој извор, и од тој извор тој се измил и прогледал. Па така тоа чудо што се случило под дејство на мајката Божја, Пресвета Богородица, се разнела веста насекаде во православниот свет и од тогаш луѓето кај сите манастири и цркви каде што има света вода или лековита вода, таму се прават овие прослави“, изјавии Митрополитот Преспанско-Пелагонииски Г. Петар.
Инаку овој ден е слава на населбата Варош во Прилеп. Тука куќиите се отворени цел ден за сите посетители и добредојден е секој. Празникот се одбележува со музика, ора и традиционалната јавнија.
„Од мојава куќа секоја година е истото и самите свирачи традиционално на зурли и тапани почнуваат од мојава куќа кај 9 часот, па кај 10 иди нова тура итн. Значи почнуваме од кај мене со чашка ракија, кој пивце, кој салата, значи со традиционално јадење и пиење. После сето тоа заминуваме, напред ние како домаќини, како староседелци, со музиката заедно до под манастирот, каде застануваме и по обичај рашируваме едно традиционално оро за сите. Традиционално кај постарите варошани нема званична покана, сите се поканети, отворени се портите и вратите, ние сме спремани и финанскиски и сè што е потребно, си одбележуваме, се спремаме една до две недели и сите се поканети“, вели Илија Лучески, жител на населбата Варош.
Но за жал иако за овој ден славата Голем Петок од 2011 година е поднесен елаборат од страна на институтот за старословенска култура за заштита на ова културно добро тоа сеуште не е прогчасено за нематеријално културно богатсво.
„Елаборатот предвидува заштита на празнувањето на славата Голем Петок во месноста Варош, Прилеп, која се празнува на првиот петок по најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Доброто континуирано се практикува повеќе од 100 години и претставува своевиден културен идентитет на Варошните, кои себеси милуваат да се наречат и Маркограѓани. Во контекст на ова тврдење би го изнесле фактот што не постои ниту едно домаќинство во месноста кое за „денот“ нема припремено обреден ручек и кое ги нема отворено портите за сите гости кои масовно доаѓаат од Прилеп и соседните населени места. Исто така, и манастирот „Св. Архангел Михаил“ длабоко ја почитува оваа традиција преку служењето на вечерна (спроти празникот) и утринска литургија (на самиот празник) и гоштевањето на верниците со скромна трпеза, вечерта спроти празникот. Под полите на манстирот, во прекрасен природно-културен амбиент секоја година има голем панаѓур, каде посетителите не само што „пазарат за здравје“, туку и се релаксираат со многубројните песни и ора. Од овие причини предложивме културното добро да се класифицира во категоријата значајно културно наследство“, вели Ели Луческа, директор на Институтот за старословенска култура.
Околу манастирот секоја година се одржува и голем панаѓур на овој ден, а некои тоа го поврзуваат со тоа што во средновековието Варош бил познат трговски центар и тука се одржувал голем панаѓур каде се продавала стока од Западот и Истокот. Таа традиција за купување и денес се практикува од прилепчани.